Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје
Протестите на приватните автобуски превозници со блокади ќе продолжат се додека нема напредок во состојбата, изјави за МИА Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.
Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје.
Тие бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање.
Во меѓувреме, продолжуваат и политичките препукувања за тоа кој е виновен за состојбите во главниот град. Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, вчера обвини дека блокадите во главниот град се поради политички и лични интереси на поединци и го повика МВР да реагира за блокадите и да преземе мерки бидејќи одреден личен интерес врши штета на Градот и граѓаните.
По ова, Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ објави дека се повлекува од протестот на приватните превозници, но дека автобусите и натаму ќе го блокираат Скопје.
Јовановски во изјава за медиумите рече дека не сака неговото име да биде изговор за дефокус од вистинскиот проблем што го имаат приватните превозници и затоа се повлекува од протестот, со цел, како што рече, да помогне во решавање на проблемот. Неговото повлекување, сепак, нема да ги повлече и автобусите од улиците. Тие остануваат и натаму да го блокираат главниот град.
За СДСМ повлекувањето на Јовановски од протестите е само игра на ВМРО-ДПМНЕ и дека блокадите на Скопје и хаосот со јавниот превоз се политичка режија на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
„Заради лични и бизнис интереси, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во заложништво го држат главниот град. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги имаат сите механизми да ја прекинат блокадата и тоа треба да го сторат веднаш. Теророт врз граѓаните мора да престане веднаш, а Мицкоски треба да се сокрие од срам за тоа што свесно и намерно му го прави на градот“,
соопштија од СДСМ.