Платежната агенција, како и досега така и во овој период продолжува со редовна исплата на субвенциите за земјоделците, а се бараат алтернативни пазари за извозот на јагнињата, информираше денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Тој рече дека МЗШВ секојдневно ја следи состојбата со ширењето на коронавирусот од аспект на влијание на земјоделството.
„Се наоѓаме во вонредна состојба, но тоа не значи дека треба да сопрат земјоделските активности, работата на Министерството или другите надлежни институции во делот кон извршување на услугите кон земјоделците“,
рече Димковски.
Министерството работи на наоѓање на решение за откупот на јагнињата и важно е тие да бидат извезени.
„Во моментот извозот во Италија се одвива забавено поради проблемот што го имаме со транспортот. Во постојана комуникација сме со откупувачите. Освен традиционалните како Италија, Хрватска, Грција, се бараат други алтернативни пазари за извозот на јагнето“,
рече Димковски.
МЗШВ ја следи состојбата и со соодветни мерки ќе ги покрие загубите на сточарите кои ќе бидат донесени заеднички во комуникација со сточарите и откупувачите.
„Транспортот не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи. Заедно со Министерството за надворешни работи се изнаоѓаме решение за непречен проток на стока“,
додаде тој и нагласи граѓаните да не стравуваат за храна бидејќи има доволно и целата прехранбена индустрија е мобилизирана.
Во тек е пролетната сеидба на пченка и сончоглед и таа треба да продолжи, вели Димковски. Според него, треба да се насадат и насеат нивните, но да се почитуваат препораките. Земјоделските аптеки нема да бидат затворени, а земјоделците да се обезбедуваат со заштитни средства. Набавката на сточна храна ќе биде регулирана со протоколите за транспорт и ќе се одвива непречено.
„Од безбедносни причини сточните пазари се затворени. Движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните. Земјоделските производи на пазарите може да се продаваат, но важно е да се почитуваат препораките“,
додаде Димковски.