Од полицијата соопштија дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на 14-годишната В.Ѓ., и повикаа да не се шират дезинформации посочувајќи дека постојано ќе ја информираат јавноста до пронаоѓање на малолетничката
Продолжува интензивната потрагата по малолетното девојче што исчезна вчера во утринските часови во центарот на Скопје, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) за МИА.
Мајката на 14-годишната В.Ѓ. вчера изутрина во 8:35 часот пријавила во полиција дека девојчето исчезнало, по што започна потрагата. Таа, исто така, информацијата ја сподели и на социјалните мрежи.
МВР доцна синоќа соопшти дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на 14-годишната В.Ѓ. и повика да не се шират дезинформации посочувајќи дека постојано ќе ја информираат јавноста до пронаоѓање на малолетничката.
„За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери итн. Истрагата продолжува интензивно и во текот на ноќта“,
се вели во соопштението од МВР.
Случајот го обелодени мајката на тинејџерката во објава на социјалните мрежи, а потоа случајот го потврди и МВР.
Според објавата на мајката на девојчето, 14-годишничката тргнала од дома накај училиште во 7:20 часот по што ѝ се губи секаква трага. Последен пат била видена во Дебар Маало на пат кон училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“.
„Утрово во 7:20 часот мојата ќерка Вања Ѓорчевска излезе за на училиште и се изгуби секаква трага. Облечена е во црни панталони со странични џебови, светлосин џемпер, црна кратка зимска јакна и бели патики ’најк’ со кафеава лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон ‘Песталоци’. Доколку имате каква било информација, јавете се на 075 400 816“,
пишува мајката на девојчето во објава на Фејсбук.