Владата, се вели во соопштението по денешната седница, во активна соработка со специјализнатите досега покажала огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и оти е одлучна да продолжи во оваа насока
На денешната седница техничката Влада донела одлука веднаш по изборите да се подготват предлог законски решенија со кои ќе се предвидат севкупните права и одговорности на специјализантите по медицина кои со сопствени средства ја плаќаат специлизацијата.

Владината одлука доаѓа откако вчера приватните специјализанти по медицина излегоа на штрајк кој продолжи и денеска. Меѓу нивните барања што тие ги изложија се зголемување на платите, плаќање здравствено осигурување, како и регулирање на работниот статус.
Тие во очекување на владината седница, денеска рекоа дека од одлуката на Владата ќе зависат нивните натамошни чекори.
„На 15. седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата. Имајќи го предвид значењето за специјализантите, но и за граѓаните и за здравствениот систем на Република Северна Македонија, за целосно решавање на нивниот статус, Владата донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности“,
се наведува во соопштението од Владата по седницата.
Владата, како што се додава, во активна соработка со специјализнатите, досега покажала огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и оти е одлучна да продолжи во оваа насока.
„Како што е констатирано на седницата, во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус“,
велат од Владата.

Претставници на приватните специјализанти вчера остварија средба со министерот за здравство Илир Демири, заменик-министерката Маја Манолева и Ана Данева Маркова, советничка на премиерот за здравствени прашања. На средбата одржана во Владата им било кажано дека во однос на нивните барања за зголемување на надоместоците ќе има информација во писмена форма по денешната владина седница.
Министерот за здравство Илир Демири вчера кажа дека ги поддржува барањата на приватните специјализанти за зголемување на надоместокот што го земаат месечно, како и за тоа дека треба да добијат здравствено осигурување, но, сепак, од нив побара трпение да поминат изборите, па потоа да ги решаваат проблемите.
Во однос на вчерашните изјави на министерот дека штрајкот на приватните специјализанти има политичка заднина, д-р Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година денеска рече дека таа нема книшка од ниту една политичка партија.
„Јас лично немам книшка од ниту една партија, единствена книшка што јас ја имам дома е крводарителската во која пишува нулта позитив“,
додаде таа.