Рускиот министер рече дека ги охрабрува етничките групи на Балканот да живеат мирно и да ги сузбијат сите националистички амбиции. Ги повика и да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, само, како што рече, за да исполнат одредени западни амбиции
Коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, а особено тоа важи за државите од поранешните југословенски држави, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција за медиумите, додека во исто време се одржуваа последните сесии од Министерскиот состанок на ОБСЕ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
На прашање од Македонската информативна агенција (МИА), како Русија гледа врз идентитетската агресија на Северна Македонија од бугарските испостави и дали тие имаат руска заднина, Лавров одговори дека не е голем експерт во македонско-бугарските односи, но истовремено нагласи дека проблемите во регионот влечат корени по распадот на Југославија, токму од Западот.
„Не сум голем експерт за македонско-бугарските односи, но луѓето во Македонија имаат целосно право да бидат еднакви во сите активности на нашиот заеднички континент. И не само за односите меѓу Бугарија и Македонија, туку за сите балкански земји, би рекол дека коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави. Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана поранешна југословенска Република Македонија и ова беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија. Се сеќавам и дека претседател на македонското Собрание имаше фотографии со албанско знаме, направени во канцеларијата во парламентот“,
рече Лавров.
Според него, Западот отсекогаш имал интерес да ги подбуцнува народите едни против други.
„Уверен сум дека народите на Балканскиот Полуостров минаа тешки историски премрежиња, имаат заеднички код и не смеат да бидат поразени и да му дозволат на Западот да станат непријатели едни со други“,
рече Лавров.
Тој рече дека ги охрабрува етничките групи на Балканот да живеат мирно и да ги сузбијат сите националистички амбиции.
Ги повика и да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, само, како што рече, за да исполнат одредени западни амбиции.
Инаку, прес-конференцијата на Лавров предизвика големо медиумско внимание.
Еве, како изгледаше атмосферата оттаму:
Рускиот министер вчера имаше средба со министерот Бујар Османи и малтешкиот министер за надворешни работи Иан Борг.
Средбата, како што информираат од МНР, била свикана од шефот на македонската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ со цел обезбедување натамошно функционирање на институциите на Организацијата.
„Денеска, на маргините на 30. Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со Организацијата, Бујар Османи ги повика министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, чија земја се очекува да го преземе претседавањето со ОБСЕ за 2024 година и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров. Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“,
информираат од МНР.
Денеска во Скопје се одржува последниот ден од триесеттиот Министерски совет на ОБСЕ.
Според агендата, ќе се одржи третата пленарна сесија на која се очекува усвојување на одлуките на Министерскиот совет.
Делегациите ќе ги изнесат и своите завршни зборови.