Вицепремиерот Фатмир Битиќи за инвестицијата се потпира врз менаџерските способности на Рајес Леменс
Со „стартап“ компанија и без претходно искуство во енергетскиот сектор, почесниот конзул на Македонија во Белгија, Рајес Леменс, на пат е да стане стратешки инвеститор во бизнисот со производство на струја, пишува порталот „Призма“.
Леменс е мнозински сопственик на една од четирите компании за кои Собранието треба да изгласа закон, со кој ќе станат стратешки инвеститори. Со тоа, капацитетите што тие ќе ги изградат во следните 30 години ќе ја снабдуваат државата со струја.
Од Владата велат дека се работи за етаблиран бизнисмен, кој донел во земјата инвестиции вредни 40 милиони евра и оти се уверени дека, иако без искуство во оваа област, оваа компанија ќе го испорача ветеното. И Владата и бизнисменот инсистираат дека неговата позиција на почесен конзул не му обезбедила повластена позиција во изборот за стратешки инвеститор.
Статусот на стратешки инвеститор ќе ја обврзе државата да го откупува целото нивно производство на електрична енергија, а дополнително ги ослободува од низа давачки, меѓу кои и данок на добивка во првите десет години од работата на енергетскиот капацитет што треба да го изградат.
Компанијата на Леменс – „АИМ Грин Тецх“, за разлика од другите три фирми што се кандидати за статус стратешки инвеститор и долгогодишни играчи во бизнисот со енергија, е „стартап“ и нема слични проекти во своето портфолио.
Целото истражување може да го прочитате тука.