Затекнувањето на осомничениот се случило на 4 септември 2026 година, во моментот кога му биле предавани 500 евра со претходно обележани банкноти. Оваа сума била дел од вкупно побараната награда од 1 500 евра

Возач ангажиран за потребите на Генералниот секретаријат на Владата, со иницијали Д. Ц., е уапсен при примање поткуп со претходно обележани парични средства, потврдија од Владата. Соопштението од Владата доаѓа откако претходно Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција излегоа со информации дека лицето е приведено и определен му е 30-дневен притвор.
Од Владата потврдуваат дека случајот бил отворен по иницијатива и пријава од самите институции на кои им било пријавено барањето за поткуп.
Затекнувањето на осомничениот се случило на 4 септември 2026 година, во моментот кога му биле предавани 500 евра со претходно обележани банкноти. Оваа сума била дел од вкупно побараната награда од 1 500 евра.
Од Владата појаснуваат дека уапсеното лице во моментот на делото работело како возач за Генералниот секретаријат, а работниот однос претходно го засновало преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Акцијата била спроведена во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР). Од Владата истакнуваат дека овој случај ја потврдува нивната заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и докажува дека законите важат исто за сите, без разлика на позицијата.
