„Вчера бев изложен на јавен линч, закани и ликувања за моја осуда. Слободната мисла е повредна од секоја закана, притисок и уцена – нема да ме замолчите, само ме направивте посилен. Затоа продолжувам со засилено темпо јавно да го искажувам моето мислење, но овој пат наместо под псевдоним ќе го додадам и моето име: Никола Николовски“, пишува Николовски на социјалните мрежи каде што под псевдонимот Боемот објавува свои ставови за актуелни општествени и политички теми
Никола Николовски кој вчера беше приведен од скопската полиција за наводна поврзаност со заканувачките дојави за бомби во училиштата, денеска се огласи на социјалните мрежи каде што под псевдонимот Боемот објавува свои ставови за актуелни општествени и политички теми од земјава и од светот.
Николовски vо објавата на социјалните мрежи вели дека вчера неправедно бил приведен од полицијата за дело кое не го сторил, а неговото апсење го поврза со, како што вели, цената на јавното искажување став во Македонија. Тој вели дека некому очигледно му пречат неговите ставови и независноста од политиката.
„Вчера бев изложен на јавен линч, закани и ликувања за моја осуда. Слободната мисла е повредна од секоја закана, притисок и уцена – нема да ме замолчите, само ме направивте посилен. Затоа продолжувам со засилено темпо јавно да го искажувам моето мислење, но овој пат наместо под псевдоним ќе го додадам и моето име: Никола Николовски“,
стои во објавата на Николовски на социјалните мрежи.
Николовски им се заблагодари на своите следбеници на социјалните мрежи за искажаната поддршка и борба против, како што рече, дезинформациите чија цел била да ги оцрнат и омаловажат него и неговото семејство.
„Јас ќе продолжам да го истакнувам својот став на сите општествени теми, бидејќи најважна ми е поддршката од младите кои бараат промени во општеството. А оние кои напишаа секакви невистини околу вчерашната случка ќе одговараат јавно пред лицето на правдата и ќе бидат преземени сите расположливи дејствија и мерки. Утре ова може да биде секој од вас, секој што размислува различно од она што го наметнуваат властите и живеењето во ова „модерно“ време. Затоа, еднаш засекогаш мора да ставиме крај на дезинформациите и вршењето притисок врз неистомислениците“,
пишува Николовски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побара одговорност од Министерството за внатрешни работи (МВР) и ресорниот министер Оливер Спасовски за вчерашното апсење на Никола Николовски, кој беше приведен поради наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија повеќе средни училишта во главниот град. Од партијата посочија оти Министерството направило јавен линч врз Николовски откривајќи го неговиот идентитет и прогласувајќи го за бомбаш.
Вчера Министерството за внатрешни работи информира дека е приведен скопјанец со иницијали Н.Н. поради сомнение дека е поврзан со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје, но по извршениот распит тој беше ослободен.
По соопштението на МВР, платформа именувана како ,,Конзерватив.мк” на својот фејсбук-профил синоќа објави дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведеното лице за наводната поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта, но дека тој е неправедно уапсен.
„Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани. Вистинските лица кои стојат зад овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани. Стоп за репресијата и гушењето на слободната мисла! Поддршка за Никола“,
напишаа од платформата на фејсбук.
Инаку, во описот за работата на платформата ,,Конзерватив.мк”, објавена на нивната веб-страница, се наведува оти станува збор за движење чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и конзерватизмот како идеологија и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации.
На Фејсбук-профилот на платформата ,,Кознерватив.мк”, меѓу другото, може да се забележат објави од пред неколку месеци во кои ја повикуваат Владата да го отфрли францускиот предлог и се дава поддршка на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ на 5 јули.