Како што се наведува во соопштението од МВР пријавениот Ф.А. во својство на директор на истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, во период од март 2024 до 24.07.2024 на противзаконит начин, злоупотребувајќи ја својата службена положба, наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале

Поранешниот директор на истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, Ф.А. и затворскиот полицаец С.К. денеска се приведени поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овозможување бегство на лице лишено од слобода, информираат вечерва од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму додаваат дека Ф.А. и С.К. ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, а против нив и уште осум лица се поднесени кривични пријави.
Како што се наведува во соопштението од МВР пријавениот Ф.А. во својство на директор на истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, во период од март 2024 до 24.07.2024 на противзаконит начин, злоупотребувајќи ја својата службена положба, наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале.
„Истиот одобрил молби поднесени од осудените лица повремено да го напуштат затворот, по што пријавениот П.А. од позиција на командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, по добиената наредба од директорот изготвувал наредби за спровод на осудените лица до нивните домови и други локации за приватни потреби и ги предавал на пријавените затворски полицајци“, се наведува во соопштението од МВР.
Кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување пријавените затворски полицајци го сториле така што за ваквите незаконски спроводи, биле користени службени возила на установата, за што било потрошено службено гориво, а притоа на дел од нив директорот им одобрувал прекувремени работни часови.
Пријавениот С.К. во својство на затворски полицаец кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода, го извршил така што со непреземање на мерки и активности при утврдување на бројна состојба на осудени лица, постапил спротивно на Правилникот за овластувањата на затворската полиција, односно не пријавил одредена група на осудени лица при вршење физички проверки за бројна состојба.
Од МВР велат дека тој констатирал дека сите осудени лица биле присутни, односно немало отсутни, додека при извршена контрола на ненајавен вонреден надзор од страна на стручни лица на Управата за извршување на санкции, констатирано е дека група од 11 осудени лица не биле пријавени дека не се присутни, а кои биле сместени во импровизирани простории.
Во соопштението од МВР се додава дека во врска со бегството на групата од 11 осудени лица кои казната затвор ја издржувале во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари и кои биле сместени во импровизирани простории, директорот Ф.А., иако бил должен за ова да преземе соодветни мерки, истиот не ги презел. Тој им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што постапил спротивно на него, а со неговите постапки создал и овозможил услови кои што довеле до бегство на 11 осудени лица. Со ова, како што велат од МВР, пријавениот Ф.А. сторил кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода предвидено и казниво по член 372 од КЗ.