Според неофицијални информации на дел од медиумите, во акцијата се опфатени сегашни и поранешни вработени во затворите, меѓу кои и ексдиректорот на истражниот затвор во Шутка, Филип Андонов – Сокол и заповедникот во затворот Сашо Крстевски – Ѕверот
Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со јавен обвинител, по претходна судска наредба, од утринава врши претреси на повеќе локации во Скопје.

Според информациите што „360 степени“ ги доби од МВР и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), цел на акцијата се лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Ова е јасно од соопштението на ОЈО ГОКК во кое се наведува дека акцијата е предводена од јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството. Акцијата е во координација со Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Министерството за внатрешни работи.
МВР и ОЈО ГОКК не изнесоа повеќе детали за акцијата, а подетални информации најавуваат во текот на денот.
Според неофицијални информации објавени во дел од медиумите, во акцијата се опфатени сегашни и поранешни вработени во затворите, меѓу кои и ексдиректорот на истражниот затвор во Шутка, Филип Андонов – Сокол и заповедникот во истиот затвор Сашо Крстевски – Ѕверот.