Министерството за внатрешни работи информира дека синоќа биле приведени двајца криумчари на мигранти на излезот од Гевгелија.
Полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“, дале знак за запирање на патничко возило „сеат толедо“, со скопски регистарски ознаки, но, тоа не застанало. Набрзо возилото било пронајдено во близина на наплатна рампа Смоквица и во него биле откриени седум лица – мигранти од Сирија.
„Истовремено, на излезот од Гевгелија било сопрено и патничко возило „бмв“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пронајдени шест лица мигранти од Сирија. Возачот А.Н.(27) од село Горно Количани, скопско, се обидел да избега, но, бил фатен, лишен од слобода и приведен во полициска станица“,
се вели во соопштението на МВР
Од МВР информираат дека ноќеска околу 02:00 часот бил фатен и лишен од слобода и возачот од „сеат толедо“ – О.И.(21) од село Црвена Вода, Општина Студеничани. За случајот бил известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе следи соодветен поднесок.
Лицата мигранти биле предадени во Транзитниот центaр „Виноjуг“ Гевгелија.