Двајца браќа биле приведени ноќеска во тетовската полиција откако претходно агресивно се однесувале во Клиничката болница во Тетово и кон полицајци кои дошле за да интервенираат. Браќата дошле во болницата за да му се укаже помош на помладиот од нив.
„Околу 2:25 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Н.А. (47) од Тетово, кој се однесувал агресивно и се обидел со остар предмет да ги нападне полицајците. Потоа удрил и еден од нив, откако дошол во тетовската клиничка болница, каде што на хируршкото одделение му се укажувала помош на неговиот брат Ј.А. (42). Н.А. е задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка. Нешто подоцна, околу 3:50 часот, полициски службеници на СВР Тетово го привеле и Ј.А. (42), кој се однесувал агресивно, а претходно скршил и стакло од врата во тетовската болница“,
информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Исто така, вчера околу 21 часот полицајци лишиле од слобода и три лица поради пријавено разбојништво во текот на денот.
„Полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Г.Е. (18) од Палатица, А.Ј. (24) и Ј.З. (23) од Тетово, поради сомнение дека околу 16:30 часот на улица ‘Благоја Тоска’ во Тетово, извршиле разбојништво над 19-годишниот тетовец Л.Р. Тие физички го нападнале Л.Р. и му одзеле и пари“,
рече Јосифоски.
Тројцата се задржани во Полициската станица Тетово и по целосното расчистување и документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.