Директорот на гимназијата, Марјан Арсов, денеска во изјава за медиумите рече дека службите во училиштето разговарале со ученикот и со неговите родители
Средношколец од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип вчера на социјалната мрежа Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина, по што полицијата го привела.
„Полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода 18-годишниот Б. Д. од Штип бидејќи во 12:18 часот во СВР Штип, од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од СВР Штип.
Директорот на гимназијата, Марјан Арсов, денеска во изјава за медиумите рече дека службите во училиштето разговарале со ученикот и со неговите родители.
„Во текот на вчерашниот ден добивме дојава дека на социјалните медиуми од еден ученик има закана. Тоа кај нас го вклучи алармот и како директор и училиште ги презедовме сите мерки што ни се на располагање. Беше повикана целата служба и родителите на ученикот и се разговараше на таа тема“,
изјави Арсов.
Според Арсов, настава има во двете смени. Тој апелираше до родителите совесно да ги пуштат децата на училиште и дека „се ќе биде во најдобар ред“.