Како што велат од Општината, овој чекор доаѓа по честото оштетување на реквизитите од страна на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат и уништуваат парковите и детските игралишта
Општина Центар склучи договор со Друштвото за обезбедување лица и имот „Екот гард“ за обезбедување и редовни патроли на детските игралишта и парковите, велат во соопштение од Општината.
Како што додаваат оттаму, овој чекор доаѓа по честото оштетување на реквизитите од страна на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат и уништуваат парковите и детските игралишта и ќе опфати повеќе локации: паркот „Капиштец“, детското игралиште кај ТЦ „Зебра“, игралиштето на плочникот кај поранешна „Агромеханика“, игралиштето кај кафе барот „Мистер Џек“, игралиштата во блоковите 3 и 9 од Градски ѕид и детското игралиште во населба Пролет.
Во насока на зголемување на степенот на безбедност на територија на Општината, униформирани лица од агенцијата за обезбедување ќе вршат контроли и ќе водат евиденција за евентуалното уништување на реквизитите и оштетувања од друг карактер.
„Општината ќе врши надзор врз работењето на обезбедувачите, патролите на игралиштата ќе се одвиваат секој ден, од 19:00 часот па сѐ до 7 часот наутро, а припадниците на обезбедувањето по потреба ќе бидат и во контакт со службеници од МВР“.
се вели во соопштението.
Од Општина Центар ги охрабруваат граѓаните кои ќе забележат какви било какви оштетувања и уништувања на
реквизитите и другите елементи на детските игралишта, да ги пријават до Општина Центар на телефонскиот број 075 219 142, со цел спречување на поголемо оштетување и овозможување на брза и навремена замена на уништениот реквизит.