Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека во услови кога немаат одговор од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на нивното барање за средба, се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според него, можно е да се радикализираат протестите
Приватните автобуски превозници, кои протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ во Скопје, откако не добија одговор на барањето за средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, вчера побараа да бидат примени од премиерот Димитар Ковачевски. Од друга страна, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се изјасни против одземање на надлежностите на Град Скопје за автобускиот превоз во главниот град, оценувајќи дека тоа би значело враќање 20 години назад во процесот за децентрализација и би било на штета не само на граѓаните, туку и на целокупното функционирање на системот.
Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека во услови кога немаат одговор од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на нивното барање за средба, се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според него, можно е да се радикализираат протестите.
„Не знаеме кога ќе бидеме повикани. Тоа е на нив, во зависност од обврските на премиерот. Не сакам ни да помислам на тоа што би било доколку не не повикаат. Најверојатно ќе има радикализација на протестите, но сепак за тоа претходно треба да се состане координативното тело на приватните превозници и да ги договориме понатамошните чекори“,
посочи Муриќ, додавајќи дека градските власти не покажуваат никаков интерес да се обидат да ја решат состојбата.
Претставници на приватните автобуски превозници вчера одржаа средба со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој порача дека е неопходно да се изнајде решение за нивниот проблем и дека Владата треба посериозно да се ангажира за овој случај.
„Загрижени сме за состојбата. Се работи за повеќе од 500 семејства кои неколку дена протестираат со блокирање на улици. Ова не е решение. Блокиран е главниот град на државата. Ме загрижува тоа што градоначалничката воопшто не комуницира со нив, а треба да се изнајде решение и мора да се изнајде решение. Јас се согласувам со еден предлог што го дадоа, евентуално да и се одземат ингеренциите и Владата да се ангажира сериозно во овој правец. Нема смисла пет месеци да не се исплатат и да се дојде до вакво дереџе, да не се седне и да не се разговара со нив“,
изјави Таравари.
Во однос на барањата за одземање на надлежностите на Град Скопје за јавниот превоз од страна на Владата, вицепремиерот Битиќи вчера во одговор на новинарско прашање порача дека Владата е секогаш тука за граѓаните, но дека проблемот со приватните автобуски превозници треба да го решат градските власти.
Според него, евентуалното одземање на ингеренциите на градските власти би претставувало враќање 20 години назад во процесот на децентрализација и влегување во суштински и системски промени на штета, не само на граѓаните на Скопје, туку и на целокупното функционирање на системот.
„Јавниот превоз во Градот Скопје е во ингеренции на Градот Скопје и по закон. Сметам дека Град Скопје треба да се одважи и конечно да седне да го решат проблемот. Ако не е возможно, ние докажавме дека секогаш сме тука за граѓаните. Го решивме проблемот со топлинската енергија, го решаваме проблемот со електричната енергија во целата држава и можеби ќе влеземе веќе во преговори, но тогаш ќе значи нешто друго – дали е тоа и одземање на ингеренции за Градот Скопје, влегување во суштински и системски промени, не знам, затоа што тоа е на штета не само на граѓаните на град Скопје, туку и на целокупното функционирање на системот“,
изјави Битиќи, додавајќи дека никој нема штета од разговори.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Градоначалничката на Скопје тврди дека Градот има „чиста“ позиција во однос на приватните превозници. Данела Арсовска, во интервју за „360 степени“, вината за сообраќајната парализа од изминатите денови ја лоцира кај „Слобода превоз“ зашто, како што рече, сите пари ЈСП ги исплаќало кон ова правно лице со кое имало склучен договор. Зошто превозниците се жалеа дека пари ни виделе, Арсовска ги упати на адреса на „Слобода превоз“. Како несериозни ги смета тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека од јавниот превоз во Скопје ги истиснува „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за бизнисот да го преземе бугарска фирма.