Станува збор за автобусите на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Од компанијата вчера побараа итна средба со градскиот власти, но до овој момент велат дека никој не ги контактирал
Приватните автобуси од „Макекспрес“ од утрово не возат низ скопските улици поради неисплатен долг кон нив од Град Скопје и ЈСП, потврди сопственикот на компанијата, Милорад Димитријевски.
Компанијата има 70-ина автобуси кои се дел од градскиот превоз и сообраќаат на линиите со број 19, 20, 22, 52 и 54.
Прекинот на сообраќајот на овие линии беше најавен вчера, а причината, како што рекоа од „Макекспрес“, е долгот што во моментов изнесува над 30 милиони денари.
Димитријевски вчера побара итна средба со раководството на ЈСП и градските власти и кажа дека бара исплата на долгот за август, септември и октомври, како и да се почне со редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз. Од утрово, па до овој момент, како што рече тој во разговор со „360 степени“, компанијата не била контактирана од Градот.
Скопје пред десет дена првпат остана без јавен превоз кога во сообраќај не беа пуштени автобусите на ЈСП кои сообраќаат на најголемиот број од градските линии. Тоа се случи на 20 октомври поради револт на возачите и мајсторите кои бараа да им се исплати септемвриската плата. Прекинот беше од утрото и траеше до 13 часот во текот на денот, кога автобусите се вратија во сообраќај откако беше донесена одлука да се пренаменат пари од други ставки во градскиот буџет за ЈСП да може да исплати плати.