Посетата на американската воена база на Гренланд ќе ја предводи Уша Венс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, а во делегацијата ќе бидат и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт
Притисокот што Соединетите Американски Држави (САД) го вршат врз Гренланд и Данска во оваа ситуација е неприфатлив. Тоа е притисок на кој ќе се спротивставиме – изјави премиерката на Данска, Мете Фредериксен, пред посетата на американската делегација на Гренланд.

Не може, додаде таа, да се организираат приватни посети со официјални претставници на друга земја.
„Американскиот претседател Доналд Трамп е сериозен. Тој го сака Гренланд. Затоа, оваа посета не може да се гледа независно од ништо друго“,
изјави таа за данските медиуми.
Посетата на американската воена база на Гренланд на 27 март ќе ја предводи Уша Венс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, а во делегацијата ќе бидат и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот повтори дека САД треба да го преземат Гренланд. Данската премиерка го отфрли предлогот велејќи дека народот на Гренланд треба да одлучи за својата иднина.