Во Скопје денеска пристигнаа 12 машини за асистирано дишење – респиратори, како и пет илјади заштитни маски N95, како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања како надлежна институција за координација на странската помош во земјава, набавката е реализирана во соработка со Агенцијата на Обединетите нации УНОПС.
„Овие 12 машини ќе го зајакнат капацитетот на здравствениот систем за справување со епидемијата и соодветно третирање на пациентите, што е еден од главните предизвици во справувањето со епидемијата. Во овие сложени околности и отежнати услови за набавка на овие респираторни машини, набавката и доставата на овие машини претставува огромен успех“,
се наведува во изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, кој воедно е и национален координатор за странска помош.
Тој упати посебна благодарност до претставниците на ЕУ во земјата, како и до администрацијата задолжена за реализација на набавката.
Респираторите кои денеска пристигнаа во земјава се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, останува преку УНОПС да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20.