Собранието по скратена постапка ги усвои измените во Законот за извршување, со кои, меѓу другото, се доуредува постапувањето на извршителите. Тие нема да можат присилно да извршуваат кај граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита, а се намалува и износот на сумата што може да биде задржана. Наместо досегашните 1/3 од плата или пензија, извршителите отсега ќе можат да задржат 1/5 од месечните примања на лицата приматели на просечна плата и пензија, од надоместот на трошоци за сместување на лице и од надоместокот за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија. Министерката за правда Рената Дескоска на својот фејсбук-профил напиша дека измените се одраз на реалната потреба на граѓаните.
„Денес е усвоена измената на Законот за извршување, што е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и на социјално ранливите групи лица, кои не по своја вина не се во можност да го намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само лична туку и на нивните семејства“, напиша Дескоска и ги образложи измените.
Работното место на Дескоска, Министерството за правда, е локацијата каде што секој вторник протестираат поддржувачите на иницијативата „Стоп за извршителите“. Тие бараат власта да донесе решенија што ќе важат и ретроактивно. Според иницијаторите, во моментов се блокирани 130 илјади трансакциски сметки, од кои повеќето се на физички лица.