Тој посочи дека се соочуваме со голем број предизвици во услови на различни кризи, но посветено се работи на интегративни процеси, скрининг процесот со Европската Унија и реформи кои ќе овозможат континуиран и забрзан раст
Еден од главните приоритети на Владата и на Министерството за финансии е реализација на реформите што го поддржуваат стабилниот развој на финансискиот систем, чија цел е да се задржи високиот степен на макроекономска и фискална стабилност.
Ова денеска го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на отворањето на 21. Годишна конференција на Македонската берза на хартии од вредност.

Тој посочи дека се соочуваме со голем број предизвици во услови на различни кризи, но посветено се работи на интегративни процеси, скрининг-процесот со Европската Унија и реформи кои ќе овозможат континуиран и забрзан раст.
„Живееме во периоди на криза особено во последните години. Се соочуваме со економски предизвици за кои мора да имаме брзи и ефикасни одговори, а во исто време да ги поддржиме долгорочните определби. Затоа и приватниот сектор и ние носителите на политики треба да подготвиме политики што ќе бидат одржливи и да реагираат на кризите, но притоа да не се заборават реформите и развојот“,
порача Бесими.
Тој додаде дека се преземаат мерки во однос на обезбедување фискална и макроекономска одржливост и дека се работи на нов концепт на даночни реформи.
Бесими порача дека Министерството за финансии останува сериозен партнер на Берзата во делот на развојот на регулативата на финансиските пазари.
„Најголем износ на тргување со обврзници се државните обврзници на Берзата. Оваа година Министерството за финансии објави уште една обврзница за денационализација од шест милиони евра, а согласно закон наредната година се очекува издавање на уште една обврзница за денационализација“,
посочи министерот.
Бесими се осврна и на новите финансиски инструменти, како што се зелени обврзници, развојни обврзници, обврзници индексирани со инфлацијата, како и обврзницата без каматна стапка која што е уште во фаза на анализи и обработка, а всушност би била за повлекување на готовината од стопанството од времето на транзицијата па наваму.
Министерот потенцира дека за финансиските пазари значаен е и евроинтегративиниот процес на Република Северна Македонија.
„Членството во НАТО како и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија придонесоа за позитивен сигнал од меѓународните финансиски пазари. Во текот на наредната година се очекува да завршат скрининзите, со кои се врши континуирано усогласување на националното законодавно со законодавството на ЕУ во делот на внатрешниот пазар и финансиската регулатива“,
рече министерот за финансии.
На Годишната конференција во организација на Македонската берза на министерот Фатмир Бесими му беше врачена плакета за успешна соработка на Министерството за финансии со Македонската берза.
Претходно на настанот, главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, истакна дека берзите по сè изгледа ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност, на висока инфлација и каматни стапки.
Тој посочи дека 2022 година според многумина ќе биде историска од аспект на движење на економиите, а со тоа и на берзите. Цената од сите случувања, според него, ќе биде хиберниран економски раст и можна рецесија.