Националниот политички совет на романските социјалисти (ПСД) синоќа одлучи партијата да ја напушти владејачката коалиција и Марсел Чолаку да поднесе оставка од функцијата премиер
Вршителот на должноста претседател на Романија, Илија Бологан, синоќа ја прифати оставката на премиерот Марсел Чолаку, бидејќи кандидатот на владејачкото мнозинство не влезе во вториот круг од претседателските избори.
„Претседателот на Романија ја прифати оставката на премиерот на Романија, Марсел Чолаку. Привремениот премиер ќе биде назначен утре“, соопшти претседателската администрација по средбата меѓу Бологан и Чолаку“,
пренесуваат романските медиуми.

Националниот политички совет на романските социјалисти (ПСД) синоќа одлучи партијата да ја напушти владејачката коалиција и Марсел Чолаку да поднесе оставка од функцијата премиер.
„Владејачката коалиција нема легитимитет, барем не во овој состав. Им предложив на моите колеги да ја напуштиме коалицијата, што води до моја оставка од функцијата премиер, која ја поднесувам до претседателот на земјата“,
рече Чолаку.
Чолаку претходно им изјави на новинарите дека ја разгледува можноста за оставка, со оглед на лошиот резултат што го постигна кандидатот на претседателските избори поддржан од владејачката коалиција, кој не влезе во вториот круг од изборите.
Опозицискиот ултрадесничар Џорџе Симион и градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, на 18 мај ќе се борат во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија.
Според податоците на Централната изборна комисија, по обработката на 99,99 отсто од гласачките ливчиња, Симион освои 40,94 проценти од гласовите, а Никушор Дан 20,99 проценти од гласовите.
Кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, доби 20,07 проценти од гласовите.