Вториот круг од претседателските избори во Хрватска ќе се одржат на 12 јануари
Според резултатите на хрватската Државната изборна комисија (ДИК), по обработката на 99,88 отсто од избирачките места, актуелниот претседател на Републиката Зоран Милановиќ освоил 49,10 отсто, а кандидатот и партнер на ХДЗ Драган Приморац 19,35 отсто од гласовите.

Кандидатката Марија Селак Распудиќ освоила 9,25 отсто од гласовите, а Ивана Кекин 8,89 отсто. Следува кандидатот Томислав Јоњиќ со 5,08 отсто гласови и Миро Буљ со 3,82 отсто. Бранка Лозо доби 2,41 отсто од гласовите, а кандидатот Нико Токиќ Картело 0,88 отсто од гласовите.
Зоран Милановиќ и Драган Приморац влегуваат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 12 јануари.

Двајцата ѝ се обратија на хрватската јавност.
„Ќе кажам и повторам неколку важни зборови, кои мислам дека се важни за Хрватска. Ќе се борам за Хрватска со став. Ќе се борам за владеење на правото. Ќе се обидам никого да не направам свој непријател. Ви благодарам што ми ги завршивте тие мали невидливи технички работи, без кои немаше да бидам тука. И не само денес, туку никогаш. Никогаш порано, ниту во иднина, не сум ја гледал политиката како средство за приватни цели, туку средство за повисока цел. Сè уште го чувствувам тоа денес. Многу луѓе ја препознаа таа страст, ми дадоа доверба“,
рече Милановиќ.
Драган Приморац порача дека вториот круг од изборите е одлична можност со Милановиќ да бидат еден на еден.
„Знам дека разликата изгледа голема, но во првиот круг имаше многу врева, многу кандидати. Сега е одлична можност јас и Милановиќ да бидеме еден на еден. Досега Милановиќ имаше тим кој поддржуваше додека тој гледаше од сенка. Зоран, излези и кажи што мислиш, што знаеш и која е твојата програма. Како спортист знам дека оваа разлика може да изгледа голема. Ова е предизвик за мене. Хрватска за која се залагам – која ќе има обединувачки претседател, каде што луѓето живеат подобро – тоа е Хрватска за која зборувам и таква Хрватска мора да се случи“,
рече Приморац.
Денеска до 19 часот во Хрватска беа отворени повеќе од 6 500 избирачки места во земјата и во 38 други држави, каде право на глас имаа над 3,7 милиони гласачи.