Пендаровски закажа седница на Советот за безбедност в понеделник, на која, покрај стандардниот состав, ќе биде поканет и министерот за здравство
Претседателот Стево Пендаровски, во денешното обраќање до јавноста поради ситуацијата со коронавирусот и мерките што треба да се преземат, изрази верување дека нема да се наметне потреба од прогласување вонредна состојба во земјава. Сепак, не исклучи можност до понеделник, за кога е закажана седница на Советот за безбедност, да има нова ситуација и други информации што би наметнале и таква можност.
Во однос на можноста за одложување на изборите, тој рече дека не постои одредба во Уставот која забранува избори во случај да се прогласи вонредна состојба.

„Од аспект на моменталната ситуација, верувам дека ќе нема потреба да се прогласува вонредна состојба. Сепак, и таа опција е отворена доколку се наметне потреба од тоа. Во случај како сега, кога парламентот е распуштен, вонредна состојба може да прогласи и претседателот на државата. Во таков случај, одлуки со законска сила носи Владата“,
рече Пендаровски.
Претседателот посочи дека неговиот став е дека парламентот може да се состане ако има потреба од тоа, иако е распуштен. Во случај, пак, да биде прогласена вонредна состојба, тогаш не би имало потреба од состанување на парламентот, затоа што, во случајов, техничката влада на Оливер Спасовски би имала мандат да носи одлуки со законска сила.
Премиерот Спасовски изјави вчера дека засега нема потреба од свикување на распуштениот парламент. Сепак, како што рече, ако понатаму се јави потреба за тоа, сите институции ќе се стават во функција на јавното здравје и заштитата на животот и здравјето на граѓаните. Околу можноста да се наметне потреба од ребаланс на буџетот за пренамена на средства за справување со коронавирусот, Спасовски рече дека засега буџетот е ликвиден.
Пендаровски рече дека постои и опција за прогласување кризна ситуација на одредени територии или на територијата на целата држава, што подразбира други мерки во споредба со вонредната ситуација. Тој рече дека и во случај на вонредна состојба Армијата би ги имала истите надлежности како и во случај на кризна состојба.
Вонредна состојба денеска беше прогласена во соседна Бугарија, каде што бројката на заразени се искачи на 23, по првите четири случаи што беа регистрирани во земјата во текот на минатиот викенд.
Пендаровски за в понеделник свика седница на Советот за национална безбедност. Покрај стандардниот состав (премиерот и претседателот на парламентот, министрите за внатрешни, за надворешни работи и за одбрана, началникот на ГШ на Армијата… и тројца надворешни членови), на седницата ќе биде поканет и министерот за здравство.