„Ова е негово видување, но да не заборавиме дека министерот за правда е член на Судскиот совет. На секоја седница по функција на службеност тој е повикуван, ги добива материјалите, записниците за работа и очекувам, и во интерес на правосудството е тој да биде активен, да придонесува во решавањето на секој проблем со којшто се соочуваме како правосудство“, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, пренесува МИА
Неделава, министерот за правда преку серија писмени соопштенија упати повеќе критики до Судскиот совет, посочувајќи повеќе случаи во кои забележува дека Советот не постапил согласно своите надлжености
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, не сака да се впушта во коментар на ставовите на министерот за правда Кренар Лога, кој неделава во неколку наврати го прозва Советот, барајќи од ова тело да постапува согласно своите законски надлежности.
Наместо тоа, тој го повика министерот Лога да биде активен и да присуствува на седниците на Судскиот совет, како негов член по функција.
„Ова е негово видување, но да не заборавиме дека министерот за правда е член на Судскиот совет. На секоја седница по функција на службеност тој е повикуван, ги добива материјалите, записниците за работа и очекувам и во интерес на правосудството е тој да биде активен, да придонесува во решавањето на секој проблем со којшто се соочуваме како правосудство… Иако согласно Законот е ограничено правото на гласање и на учество во делот на гласањето, но во делот на решавањето на проблемите, во делот на соочувањето со реалните проблеми кои се дискутираат, а со кои се соочуваме во тековното работење, тука е неминовно дека може да даде свој придонес во решавањето на овие проблеми“, изјави претседателот на Судскиот совет, пренесува државната новинска агенција.
Неделава, министерот за правда преку серија писмени соопштенија упати повеќе критики до Судскиот совет, посочувајќи повеќе случаи во кои забележува дека Советот не постапил согласно своите надлжености.
Така, вчера од Министерството за правда преку соопштение информираа дека Комисијата за надзор на функционалноста на Автоматскиот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) на Министерството констатирала повеќе пропусти по надзорот извршен во неколку судови во државата.
За пропустите оттаму го прозваа Судскиот совет, кој е надлежен за контрола и проверка на судовите. На ова сугерира насловот, како и првата реченица од соопштението на Правда:
„Пропусти на Судскиот совет, констатираше Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите“.
Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во првите шест месеци од годинава извршила надзор во четири основни судови во државата – во Берово, Крушево, Кратово и Куманово, а состојбите, односно пропустите кои ги констатирала, од Правда ги сумираа во неколку точки, а главните забелешки се однесуваат на нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување, како и изземање на судии од АКМИС; недоволен број судии во помалите судови со основна надлежност; Недоволен број информатичари во судовите; неконтинуирано архивирање предмети и немање соодветен архивски простор, се чуваат во подруми; нераспишување огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од поранешни претседатели; тонското снимање главно не функционира.
Ден претходно на релација Правда – Судски совет имаше неколку преписки, а тема беше мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје – в.д. претседателката на кумановскиот суд, судијката Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет.
И денеска Министерството за правда објави записник од извршен надзор на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во Управниот суд Скопје.
Надзорот, како што може да се види од записникот, бил на 16 август, а во една од препораките Комисијата бара:
„Судскиот совет на Република Северна Македонија да преземе мерки за пополнување на неопходните работни места“.
Во записникот, исто така, се препорачува да се побара одговор од Работното тело при Врховниот суд за решавање на проблемот со погрешно заведените предмети, како и задолжително да се внесува законскиот основ за измена на годишниот распоред на предмети.
Како препорака е наведена и потребата од системско решавање на проблемот со недоволниот број информатичари што се среќава во речиси секој контролиран суд.