Според Коцарев, правилото ‘победникот добива сè’, според кое се формираа сите влади во земјава од независноста до денес, доведе до делумно распаѓање на македонското општество
За поинаков тип на влада во С Македонија, во која партиите ќе учествуваат соодветно на процентот на освоени гласови на изборите, се залага претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.
Во колумна за „Нова Македонија“, насловена „Демократијата во Македонија“, тој посочува дека ова е едно од правилата што може да донесат просперитет во земјава.
„Кои правила ќе донесат просперитет во Македонија? Правилото: пропорционално учество, на пример, е едно можно решение. Тоа значи партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови“,
објаснува Коцарев.
Според него, правилото ‘победникот добива сè’, според кое се формираа сите влади во земјава од независноста до денес, според сите индикатори и анализи, доведе до делумно распаѓање на македонското општество. Тоа, наведува Коцарев, се случи, во голема мерка, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста на политичарите.
„За македонските политичари, важноста на изборната победа и останувањето на власт секогаш имаа предност пред сè друго. Предупредувањата на Платон, Хобс и на другите современи мислители, за жал, станаа стварност во Македонија. Парадоксално, практикувањето демократија во Македонија од независноста до денес доведе до нејзино намалување. Со други зборови, правилото победникот добива сè, заедно со спецификите на македонското општество и, во голема мера, незнаењето на дел од македонските политичари и нивната безличност и алчност, доведе до општество кое се карактеризира со неколку фактори, сите кои ја поткопуваат од темел демократијата“,
наведува Коцарев.
Претседателот на МАНУ, во оваа колумна, наведува неколку фактори што, според него, влијаат негативно на демократските процеси: (1) владеење што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, (2) етнодиференцијација, (3) доминација на малцинството над мнозинството (двете доминации на малцинството над мнозинството и на мнозинството над малцинството се негативни и треба да се спречат со различни механизми), (4) фрагментација на општеството и (5) девалвација на системот на вредности.
„Резултатите се видливи катадневно, на пример, благо речено, во дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што не го гледаат тоа, всушност, не сакаат да го видат од ним (не)познати интереси“,
посочува Коцарев.
Коцарев нагласува дека демократијата подразбира две работи: Избор на влада, која ќе имплементира „процеси преку кои општеството и економијата се насочуваат кон колективно договорените цели“, водејќи сметка за сите нејзини граѓани; и механизми за контрола на работата на владата. Механизмите, според него, одамна се применуваат селективно, а тоа претставува рак-рана на нашето општество, бидејќи без демос (народ) нема ни демократија.