Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел го осуди нападот врз холандскиот истражувачки новинар Питер Р. де Врис, кој се бори за живот по обидот за негово убиство во центарот на Амстердам.
„Тоа е злосторство против новинарството и напад врз нашите вредности на демократијата и владеењето на правото. Ние ќе продолжиме безмилосно да ја браниме слободата на говорот“,
напиша Мишел на Твитер.
Познатиот холандски новинар се наоѓа во критична состојба откако во него беше пукано синоќа од огнено оружје на улица во Амстердам.
Нападот се случи само неколку минути откако 64-годишниот Де Врис ја напуштил зградата на РТЛ каде учествувал во популарното телевизиско шоу „Булевар РТЛ“. Полицијата потврди дека се приведени три лица осомничени за нападот.
Питер Р. де Врис е познат по своите истраги за тешки крвични дела и злосторства, а во периодот 1995−2012 беше и водител на популарна холандска телевизиска емисија која опфаќаше случаи со криминал од висок профил. Тој стана познат и во САД по истражувачката работа на исчезнувањето на тинејџерката Натали Халовеј во 2006 година. Поради своите истражувачки стории често бил мета на закани.