Холандскиот истражувачки новинар Питер Р. де Врис е тешко ранет откако бил застрелан на улица во Амстердам. Полицијата соопшти дека познатиот новинар бил пренесен во болница во тешка состојба откако бил застрелан во центарот на градот.
Peter R de Vries is vanavond in de Lange Leidsedwarsstraat neergeschoten. Hij is zwaargewond naar het ziekenhuis overgebracht. De recherche is een grootschalig onderzoek gestart. https://t.co/gr7Euq1WnK pic.twitter.com/j0m6ccu2UH
— Politie Eenheid Amsterdam (@Politie_Adam) July 6, 2021
Националниот радиодифузер на Холандија соопшти дека тој бил нападнат по гостување во ТВ-емисија. Според очевидци на кои се повикува радиодифузерот, биле испукани пет истрели, а новинарот бил погоден во главата.
На социјалните мрежи се појавија и снимки на кои се гледа новинарот како лежи на грб со крв на лицето. Полицијата трага по сторителот.
„Бараме сведоци и луѓе кои имаат фотографии и снимки од инцидентот или од можни осомничени. Не ги споделувајте фотографиите на социјалните мрежи“,
апелираа од полицијата.
Питер Р. де Врис е познат по своите истраги за тешки крвични дела и злосторства, а во периодот 1995−2012 беше и водител на популарна холандска телевизиска емисија која опфаќаше случаи со криминал од висок профил. Тој стана познат и во САД по истражувачката работа на исчезнувањето на тинејџерката Натали Халовеј во 2006 година. Поради своите истражувачки стории често бил мета на закани.