Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Мицкоски ќе оствари тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следи состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Мицкоски и Кошта потоа ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата
Спорот со Бугарија, како што наведе вчера шефот на македонската дипломатија, со сигурност ќе биде една од темите на разговори со претседателот на Европскиот совет, кој, соред Муцунски, досега бил проактивен чинител и имал неколку обиди да помогне да се дојде до решение
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска попладне ќе престојува во посета на земјава, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Мицкоски ќе оствари тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следи состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Мицкоски и Кошта потоа ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.
Во претсрет на денешната посета на Кошта на земјава, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера, одговарајќи на прашања, изјави дека Владата останува на своите позиции за гаранции од ЕУ дека кон земјава веќе нема да има барања поврзани со историјата, идентитетот и културата на македонскиот народ од страна на Бугарија во процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија.
Спорот со Бугарија, како што наведе министерот, со сигурност ќе биде една од темите на разговори со претседателот на Европскиот совет, кој, според Муцунски, досега бил проактивен чинител и имал неколку обиди да помогне да се дојде до решение. На прашањето дали на маса ќе има некаков нон-пејпер, шефот на македонската дипломатија рече дека во моментот се разговара за идеи кои треба да доведат до достоинствено решение, што, како што рече, не било случај кога за ова прашање одлуките ги носела пртетходната влада.
Ова во изјава за медиумите вчера го повтори и премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека дека пораките на Владата во однос на прашањето со Бугарија се јасни и аргументирани.

Уште една тема која се очекува да биде дискутирана со Кошта и на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват е писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц, во кое тој предлага иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија. Коментирајќи го писмото, Муцунски рече дека земјава е подготвена за сите решенија што водат до полноправно членство во Европската Унија, што недвосмислено е наша крајна цел.
Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на земјите од Западен Балкан, каде по средбата со лидерите од регионот ќе биде копретседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Тиват, Црна Гора.
Тема на разговорите на претседателот на Европскиот совет со лидерите на земјите од регионот на Западен Балкан ќе бидат можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал – посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачаат резултати“,
изјави Кошта пред посетата на регионот.
Во Скопје тој ќе допатува од Тирана, каде што ќе се сретне со тамошните лидери, а посетата ја започна вчера од Сараево, Босна и Херцеговина.
Кошта вчера во Сараево порача дека Босна и Херцеговина веќе не е земја каква што била во 1995 година и оти се наоѓа на неколку чекори од нејзината следна фаза во евроинтегративниот процес. Во овој контекст тој ги повика домашните власти да ги забрзаат реформите, односно да назначат главен преговарач со Европската Унија и да одобрат две реформи поврзани со судскиот систем, за да не ризикуваат земјата да изгуби стотици милиони евра од европските фондови.
Утре Кошта ќе престојува Приштина, додека в четврток ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета на Црна Гора, каде што на 5 јуни ќе биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан, чија главна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
