Од Судскиот совет повторуваат дека ова тело има рок од 30 дена да постапи по пресудата на Управниот суд, на која не е дозволена жалба
Останува да се чека одговор на прашањето дали одлуката на Управен значи дека Дамева ќе биде вратена на функцијата претседател на Судскиот совет, на која по нејзиното разрешување дојде Сашко Георгиев
Во Судскиот совет пристигнала пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева, информираа денеска од Судскиот совет.

Оттаму велат дека одлуката на Управен утре ќе се разгледува на работен состанок на Судскиот совет, по што, како што додаваат, ќе можат да кажат повеќе во однос на неа.
Од Судскиот совет повторуваат дека ова тело има рок од 30 дена да постапи по пресудата на Управниот суд, на која не е дозволена жалба.
За пресудата на Управниот суд јавноста беше информирана во петокот, на последниот работен ден од минатата 2023 година.
Разрешувањето на Весна Дамева, поранешната претседателката на Судскиот совет е нејасно, ниту законски поткрепено. Вака Управниот суд ја образложил одлуката со која се прифатила тужбата на Дамева и одлучува дека таа треба да се врати на чело на советот, пренесе ТВ Сител повикувајќи се на неофицијални судски извори.
Според телевизијата, судот ги анализирал сите записници од седниците, ама не можел да најде објаснување зошто Судскиот совет гласал недоверба за Дамева.
„Одлуката е нејасна, односно Судски совет не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува претседателот, ниту пак ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба. Судски наведува дека со мнозинство на гласови на членовите со право на глас, била изгласана недоверба на Дамева како претседател, по што била и донесена одлука за нејзино разрешување, меѓутоа, не се наведени причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата на тужителот не биле земени во предвид“,
пишувало ов одлуката на Управен, објави ТВ Сител.
За Управниот суд е нејасно и кој закон Судски го применил при разрешувањето.
Засега е нејасно кога и како Судскиот совет ќе ја спроведе одлуката на Управниот суд и останува отворено прашањето дали тоа значи дека Дамева ќе биде вратена на функцијата претседател на Судскиот совет, на која по нејзиното разрешување дојде Сашко Георгиев.

За одлуката на Управниот суд во петокот се огласи и министерот за правда Кренар Лога, според кого одлуката на Судот влева надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на правото.
„Со ова се потврдуваат сите наводи на министерот кои во изминатиов период ги имаше за работењето и постапувањето на Судскиот совет, со што се докажува дека на оваа институција и се неопходни реформи“,
вели Лога.
Како беше разрешена Дамева
Дамева во контроверзна постапка беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет на седница на 26 април годинава. Седницата наменета за нејзино разрешување започна во тензична атмосфера со обвинувања од дел од членовите дека Дамева го криела писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер.

Потоа настана расправија за меѓучовечките односи кои некои бараа да се стават на дневен ред. По неколкучасовна тензична атмосфера, во присуство на Дамева претседавањето со седницата го презеде нејзиниот заменик Селим Адеми кој побара да се гласа за нејзино разрешување.
„За“ гласаа седум члена, по што тој констатира дека претседателката е разрешена и за утредента закажа нова седница за избор на нов претседател.
Дамева, пак, тогаш рече дека ова е противзаконски и додаде некои лица од политиката ќе бидат задоволни.
„Благодарам многу, ме спасивте, ако е тоа последното, бидејќи ова одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Одлука донесена на ваков начин во присуство на претседател на Судски совет со гласање од седум гласа каде што нема ниту предвидено основа за разрешување на претседател, а особено нема и број на гласови со кои се носи одлуката, заменик-претседател си зема за право да констатира престанок на функцијата претседател на Судски совет со што го одзема мандатот. Јас навистина не знам ова како ќе заврши освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако во успеат ова. Јас не се откажувам, битката продолжува и многу работи може да бидат уште полоши“,
рече тогаш Дамева.
Ваквиот начин на разрешување предизвика лавина реакции од стручната јавноста. Имено, за разрешување претседател нема предвидено процедура ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа. Во таа насока беа и реакциите кои пристигнаа од стручната јавноста – со оглед на тоа што нема предвидена процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка. Кога постапката ќе дојде до фаза гласање, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето.
Сепак, членовите на Судскиот совет се обидоа да изберат претседател наредниот ден по разрешувањето (27 април), но заменикот Адеми тогаш ја одложи седницата со образложение дека еден од членовите со право на глас е отсутен, а при избирање претседател пожелно е да се присутни сите. Седницата требаше да продолжи по неколку дена (на 2 мај), но и тогаш се одложи без официјално да бидат објавени причините.
За да излезе од ситуацијата, Судскиот совет далеку од очите на јавноста најде „решение“.
На 4 мај одржа две тајни седници и една јавна.
На првата нејавна седница тогаш било гласано да се повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората тајна седница членовите ѝ изгласале недоверба и ја разрешиле. Покрај тоа, на тајна седница била констатирана и оставка од заменик-претседателот Селим Адеми, кој важеше за предводник на групата што се залагаше за разрешување на Дамева. Меѓутоа, неговата оставка беше со одложено дејство – стапува на сила откако ќе се избере нов претседател, ќе се објави одлуката во „Службен весник“ и ќе се направат промени во Централниот регистар.
Третата седница дента на 4 мај, која беше јавна, се одржа со цел да се избере претседател.
Со осум гласа „за“ тогаш на функцијата беше избран Сашко Георгиев.