ХДЗ, како прва партија обвинета за корупција, треба да плати казна од 3,5 милиони евра и да врати 14,6 милиони
Поранешниот хрватски премиер и претседател на ХДЗ, Иво Санадер, денеска е прогласен за виновен и неправосилно осуден на осум години затвор, во повтореното судење за извлекување пари од маркетинг-агенцијата „Фими медиа“.
ХДЗ, пак, како прва партија обвинета за корупција во Хрватска, треба да плати казна од 3,5 милиони евра и да врати 14, 6 милиони, јавуваат хрватските медиуми.
Во пресудата, меѓу другото, се наведува дека Санадер, во својство на поранешен премиер и претседател на ХДЗ, со своите соработници Младен Баришиќ и Бранка Павошевиќ, организирал група луѓе да извршат криминални дејствија.
Наведено е дека, во периодот од 2005 до 2009 година, Санадер, за да добие материјална корист, ѝ наредил на Бранка Павошевиќ во деловните книги да не ги бележи парите што му се предадени на Баришиќ.
Се додава дека дел од тие пари Санадер задржал за себе, а осум милиони куни биле искористени за финансирање на ХДЗ.
„Од 24 милиони куни, осум се за ХДЗ, дел му биле дадени на Санадер за патување во САД и за костуми“,
прочита судијата
Осумгодишната затворска казна на Санадер го вклучува и времето минато во истражниот затвор.