Симулациите што ги направи „360 степени“ на новите цени и новиот начин на пресметка на сметката за струја за домаќинствата, според системот на т.н. тарифни блокови, покажува дека домаќинствата што трошат околу 200 kWh месечно ќе плаќаат околу 5,5% повисоки сметки за струја. Оние, пак, што трошат високи 3 200 kWh месечно, сега ќе плаќаат сметки кои се за 54% повисоки од досегашните
Регулаторната комисија за енергетика во еден ден ги соопшти двете најважни вести што ќе влијаат на висината на сметките за електрична енергија за домаќинствата. Прво, го претстави новиот модел на пресметка на сметките за електрична енергија. Второ, објави дека електричната енергија поскапува, и тоа за просечни 7,4% за 98,8% од домаќинствата.
Но, што значи сето тоа во пракса? Досега сметката се пресметуваше едноставно – потрошени киловат-часови (kWh) енергија помножено со фиксна тарифа за скапа струја (потрошена од 7 до 22 часот) плус потрошени kWh помножено со фиксна тарифа за евтина струја (потрошена меѓу 22-7 часот, недела и државни празници). До денеска цената на електричната енергија беше 7,32 денари за kWh во скапа тарифа и 3,67 денари во евтина тарифа. На тоа се додаваат 5% ДДВ и комунална такса за јавно осветлување.
Од 1 јули пресметката ќе биде покомплицирана. Цената на потрошените kWh ќе зависи од висината на потрошувачката во скапа тарифа. Или, според т.н. тарифини блокови, потрошената електрична енергија ќе се пресметува на следниот начин::
- за потрошена во скапа тарифа до 210 kWh во рок од 30 календарски дена – 7,72 денари за kWh.
- за потрошена во скапа тарифа од 210 kWh до 630 kWh во рок од 30 дена – 8,08 денари за kWh.
- за потрошена во скапа тарифа од 630 kWh до 1 050 kWh во рок од 30 дена – 8,66 денари за kWh.
- за потрошена во скапа тарифа над 1 050 kWh во рок од 30 дена – 17,48 денари за kWh.
Што се однесува до евтината тарифа, пак, тука работите се како по старо, барем кога е во прашање пресметката. Кога станува збор за цената, евтината тарифа од 3,67 денари поскапува на 3,99 денари
Што значи тоа за мојата сметка?
За да направиме споредба колку поскапа струја ќе плаќаат домаќинствата од 1 јули, направивме симулација со четири замислени сметки. Заедничко за сите сценарија е што 60% од претпоставената потрошувачка е во скапа тарифа, а 40% во евтина.
СЦЕНАРИО 1 – 200 kWh месечно
Домаќинство што троши 200 kWh месечно (120 kWh во скапа и 80 kWh во евтина тарифа) во моментов плаќа сметка од 1 414 денари, и тоа:
- 878,4 денари за висока тарифа
- 293,6 денари за ниска тарифа
- 58,6 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
По ново, за истата потрошувачка сметката ќе изнесува 1 492 денари, и тоа:
- 926,4 денари за висока тарифа до 210 kWh
- 319,2 денари за ниска тарифа
- 62,28 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
Или, поскапувањето за ова претпоставено домаќинство ќе изнесува 5,5 отсто.
СЦЕНАРИО 2 – 400 kWh месечно
Домаќинство што троши 400 kWh месечно (240 kWh во скапа и 160 kWh во евтина тарифа) во моментов плаќа сметка од 2 645 денари, и тоа:
- 1756,8 денари за висока тарифа
- 587,2 денари за ниска тарифа
- 117,2 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
По ново, за истата потрошувачка сметката ќе изнесува 2 811 денари, и тоа
- 1621,2 денари за висока тарифа до 210 kWh
- 242,4 денари за висока тарифа од 210 kWh до 630 kWh
- 638,4 денари за ниска тарифа
- 125,1 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
Или, поскапувањето за ова претпоставено домаќинство ќе изнесува 6,3 отсто.
СЦЕНАРИО 3 – 1 600 kWh месечно
Домаќинство што троши 1 600 kWh месечно (960 kWh во скапа и 640 kWh во евтина тарифа) во моментов плаќа сметка од 10 028 денари, и тоа:
- 7027,2 денари за висока тарифа
- 2348,8 денари за ниска тарифа
- 468,8 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
По ново, за истата потрошувачка сметката ќе изнесува 11 131 денари, и тоа
- 1621,2 денари за висока тарифа до 210 kWh
- 3393,6 денари за висока тарифа од 210 kWh до 630 kWh
- 2857,8 денари за висока тарифа од 630 kWh до 1050 kWh
- 2553.6 денари за ниска тарифа
- 521.28 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
Или, поскапувањето за ова претпоставено домаќинство ќе изнесува 11 отсто.
СЦЕНАРИО 4 – 3 200 kWh месечно
Домаќинство што троши 3 200 kWh месечно (1920 kWh во скапа и 1280 kWh во евтина тарифа) во моментов плаќа сметка од 19 874 денари, и тоа:
- 14054,4 денари за висока тарифа
- 4697,6 денари за ниска тарифа
- 937,6 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
По ново, за истата потрошувачка сметката ќе изнесува 30 599 денари, и тоа
- 1621,2 денари за висока тарифа до 210 kWh
- 3393,6 денари за висока тарифа од 210 kWh до 630 kWh
- 3637,2 денари за висока тарифа од 630 kWh до 1050 kWh
- 15207,6 денари за висока тарифа над 1050 kWh
- 5107,2 денари за ниска тарифа
- 1448.33 денари ДДВ
- 184 денари комунална такса
Или, поскапувањето за ова претпоставено домаќинство ќе изнесува околу 54 отсто.
Што ако ЕВН не ми ја чита сметката точно на 30 дена?
Како што е посочено и на почетокот на овој текст, цените и тарифните блокови кои ги објави Регулаторната комисија за енергетика се однесуваат за период на отчитување од 30 дена. Но, во пракса, факт е дека надлежните служби често ги читаат броилата и на пократки и на подолги интервали. Досега никому не му беше важно дали сметката за струја е за 28 или 32 дена, но сега се појави загриженост бидејќи два дена плус, во теорија, би можеле да значат преминување во повисок тарифен блок а со тоа и повисока цена за потрошен kWh.
Но, во пракса, и сега нема да има разлика. Иако границите на тарифните блокови се презентирани на период на потрошувачка од еден месец, тие не случајно се деливи со бројот 30. Целта била да се пресметаат „дневните граници“ на тарифните блокови кои би се додавале или одземале на „месечната граница“ во сметката за струја, зависно од периодот на отчитување.
На пример, ако ви стигне сметка со период на потрошувачка од 32 дена, границата на првиот тарифен блок нема да изнесува 210 kWh, туку 224 kWh. Причината е што „дневната граница“ на првиот тарифен блок изнесува 7 kWh (210 kWh поделено со 30 дена = 7 kWh). А бидејќи во примерот ЕВН ви го отчитале броилото за 32 дена, односно два дена плус од „месечната граница“, на бројката од 210 kWh се додаваат 7 kWh + 7 kWh – две „дневни граници“. По ист принцип ќе зголемува границата и на другите тарифни блокови. И обратно, ако периодот на отчитување е помал од 30 дена, тогаш ќе се одзема бројот на „дневни граници“. За пример, ако сметката за струја се однесува на потрошувачка од 28 дена, тогаш границата на првиот блок ќе биде 196 kWh (210 kWh – 7 kWh – 7 kWh).