По средбата на правните експерти кои под покровителство на шефот на државата треба да најдат легална форма за одложување на изборите, еден од учесниците, доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ при УКИМ, Денис Прешова, вечерва го реактуелизира ставот кој го имаше и пред средбата.
Тој на својот Фејсбук профил пишува дека единствениот начин Собранието повторно да се свика е преку прогласување вонредна состојба.
„Очигледно дека Одлуката У.бр. 104/2016 на Уставниот суд од 2016 година произволно се толкува. Без оглед дали некому се допаѓа или не, Уставниот суд утврдил дека ОСВЕН(НАДВОР) во ситуација на прогласена воена или ВОНРЕДНА состојба (член 63 став 4), пратениците не можат повторно да се состанат по одлуката за самораспуштање. ЗНАЧИ, Собранието може повторно да се состане при вонредна или воена состојба, доколку е во можност, дури и ако претходно се самораспуштило. Мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието, НАДВОР од условите утврдени во членот 63 став 4 од Уставот, од каде Судот утврди дека со оспорената одлука се прави повреда на членот 63 ставовите 3 и 4 од Уставот“,
укажува Прешова.

Од Кабинетот на Претседателот претходно информираа дека се уште не е оформен конечен став на експертите и консултациите за начинот на кој ќе бидат одложени изборите ќе продолжат и во следните денови.