Со силна поддршка за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија, настапи денеска хрватскиот министер за надворешни и за европски работи Горан Грлиќ Радман, кој допатува во работна посета на Скопје.
„Хрватска силно ја поддржува позитивна одлука за отворање пристапни преговори со Северна Македонија. Тоа во континуитет го истакнуваме и им го укажуваме на нашите партнери во ЕУ. Мојата посета се совпаѓа со позитивниот извештај на ЕК. Тоа е еден многу важен настан дека Северна Македонија оди во добра насока“,
изјави Радман, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Според Димитров, новата методологија за проширување и насоките од извештајот на ЕК се основа ЕУ да вложи напори и да испорача конкретна и одржлива одлука за почеток на пристапни преговори.
„Убеден сум дека Хрватка како претседавач ќе најде начин успешно да го изменаџира процесот на одлучување во следните денови и недели“,
рече Димитров на прес-конференцијата.