Коронавирусот може да претставува сериозна закана за пациентите со бубрежни заболувања, особено за пациентите кои се на дијализа или се со трансплантиран бубрег, посочуваат од Министерството за здравство.
Оттаму објавија низа препораки за овие лица со цел заштита од ковид-19.
„Сите пациенти треба да продолжат да ја земаат досега пропишаната терапија во препишаните дози, вклучувајќи ги и антихипертензивните лекови од групата на АКЕ инхибитори, додека нивните доктори не препорачаат поинаку. Пациентите на хемодијализа може да развијат поблаги симптоми во однос на другите пациенти со корона вирусна инфекција. Трансплантираните пациенти треба да ги преземат и сите неопходни мерки за превенција дадени за општата популација“,
велат од Министерството за здравство.
За пациентите на хроничен хемодијализен програм се наменети следните препораки:
- Пациентите кои имаат треска, висока температура или респираторни симптоми (кашлица, отежнато дишење) претходно треба да се најават во нивните дијализни центри пред да пристигнат, каде ќе бидат прегледани во посебна просторија независна од салата каде се води дијализа. Земањето на анализи за COVID-19 инфекција е по стандарден протокол како и за општа популација. Овие пациенти се дијализираат во издвоена просторија од останатите пациенти во тек на 14 дена, до добивање на резултат од тестот за COVID-19.
- Во однос на местото за дијализирање, процесот на дијализирање на пациентите со суспектна корона инфекција треба да продолжи во истиот центар, односно да не се препраќаат во други центри
- Сомнителни за корона вирусна инфекција, треба да дојдат со индивидуален транспорт, односно да не користат јавен транспорт заради намалување на ризикот од проширување на инфекцијата од евентуално заразен пациент со COVID-19. Сите пациенти потребно е да носат заштитна маска ( по можност хируршка), а исто така и возачот.
- За понатамошен третман, пациентите со потврдена COVID-19 инфекција ќе бидат упатени во специјализирана болница за третман на инфицирани пациенти.
За пациентите кај кои е извршена трансплантација се наменети следните препораки:
- Доколку трансплантираните пациенти почувствуваат симптоми како покачена температура, треска и кашлица, потребно е прво да се јават телефонски на Клиниката за нефрологија (контакт тел. 070 387 054), со цел да се избегне контакт со други пациенти и да се спречи потенцијалното ширење на инфекцијата.
- Пациентите со трансплантиран бубрег кои се вратени од странство, треба да поминат 14-дневна изолација, како што важи и за општата популација.
- Пациентите со трансплантиран бубрег на Клиниката за нефрологија кои ќе имаат потреба од друг каков било третман ќе бидат сместени во соба за изолација, независно од останатите пациенти.
- Пациентите кои треба да се јават во болница или институт за каков каков третман или земање брис за COVID-19, потребно е да носат заштитни маски.
Според Министерството за здравство, од пациентите кои развиваат сериозна инфекција со коронавирус и имаат потреба од хоспитализација, бубрежни нарушувања се регистрирани кај 25-50% од нив, а се манифестираат со поголема екскреција на протеини и црвени крвни клетки во урината.
Само мал процент од пациентите, помалку од 15 отсто, развиваат намалување во функцијата на бубрезите, односно акутно бубрежно оштетување. Досега не е евидентирано долгорочно оштетување кај пациентите кои се излечиле од тешка форма на корона инфекцијата со последици на бубрежната функција, велат од Министерството.