На средбата се очекува да се разговара и за последните изјави на еврокомесарот за проширување, Оливер Вахеји, кој рече дека е можно одвојување на процесите за С Македонија и Албанија за пристапување кон ЕУ
Од Владата за „360 степени“ потврдија дека премиерот Зоран Заев ќе има средба во понеделник со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, но детали околу средбата се очекува да бидат објавени во текот на утрешниот ден
Премиерот Зоран Заев во понеделник ќе отпатува за Брисел каде треба да остави средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. На средбата се очекува да се разговара и за последните изјави на еврокомесарот за проширување, Оливер Вахеји, кој рече дека е можно одвојување на процесите за С Македонија и Албанија за пристапување кон ЕУ. На Вархеји му противречеа официјални лица од ЕУ, како и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот и словачкиот шеф на дипломатијата, Иван Корчок, кои инсистираат на побрз почеток на преговори и со двете земји.
Од Владата за „360 степени“ потврдија дека премиерот Зоран Заев ќе има средба во понеделник со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, но детали околу средбата се очекува да бидат објавени во текот на утрешниот ден.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во изјава за „Еуроњуз“, рече дека Брисел би можел да ги продолжи разговорите со Албанија за членство во ЕУ дури и во време кога преговорите со С Македонија се во застој поради бугарското вето.
„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека немаме успех во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за зедничко решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање“,
рече Вархеји.
Портпаролката на Европската комисија за проширување, Ана Писонеро, вчера рече дека ставот на Комисијата е дека и С Македонија и Албанија се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи Советот и дека она што го кажа еврокомесарот Оливер Вархеји за можното раздвојување, е една од опциите во теорија.
„Позицијата на Европската комисија е многу јасна: сакаме да видиме меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме“,
рече Писонеро.
Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, вели дека Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да ги одржи првите пристапни меѓувладини конференции со С Македонија и Албанија во јуни. Со неговиот став се согласува и словачкиот министер за надворешни работи, Иван Корчок.
„Двете земји ги испорачаа потребните реформи, а сега треба и ЕУ да испорача. Секое понатамошно одложување ќе ги поткопа кредибилитетот на ЕУ и стабилноста во регионот“,
напиша Рот на Твитер.
Шефот на словачката дипломатија, Иван Корчок, се согласува со ставот на Рот и додава дека сега треба да се отстрани ветото кон земјава и да се признае прогресот.
„Кредибилна политика на ЕУ за проширување сега би била отстранување на ветото во Советот, со што ќе се признае напредокот направен од С Македонија и Албанија. Отворањето на пристапните преговори со двете земји одамна доцни“,
пишува Корчок.
Со реакција на изјавата на Вархеји излегоа и од Советот на амбасадори, во кој се здружени повеќе поранешни дипломати од земјава. Тие велат дека се загрижени за можноста Северна Македонија и Албанија да бидат поделени во евроинтегративниот процес ако земјава не ги надмине спорните прашања со Бугарија. Дипломатите ги повикуваат комесарот за проширување и неговата матична земја, како и лидерите на другите земји членки на Унијата да вложуваат максимални напори оваа година конечно да се одржи меѓувладината конференција и земјата да зачекори кон побрзо интегрирање во ЕУ.
На изјавата на Вархеји, противречеа и двајца угледни новинари од Брисел, кои долги години ја следат надворешната политика. Тие цитираа официјален извор од Европската Унија, кој вели дека изјавите на еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, за разделување на С Македонија и Албанија во пристапните преговори, не се официјален став на Европската комисија.