„Дали се свесни оти премиерот оди наоколу и добива пофалби дека им го покажал местото на Албанците во власта, и дека вие како ВЛЕН сте дел од тој фолклор“, велат од партијата
Секојдневно слушаме, не само од премиерот, туку и од претставници на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и од другите коалициски партнери во власта, за тоа кој со кого смее, а кој со кого не смее да коалицира или кој со кого бил фатен да разговара и преговара. Ова е денешната реакција на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), од каде, коментирајќи ја политичката состојба во земјава, изразија разочарување од однесувањето на коалицијата на Албанците – ВЛЕН во власта.

„На јавна сцена се понижуваат во обидот да му се допаднат на премиерот, кој од високо им дели лекции и им го покажува местото во коалицијата што за нив, тој го одредил. Ги понижува дотаму што бара од нив како деца што направиле грешка, да кажат што и како правеле, што им бил планот за локалните избори, да не кријат нешто итн“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму велат дека партиите забораваат оти мандатот не произлегува од премиерот Христијан Мицкоски, туку од албанските гласачи.
„Но, додека ве караат како мали деца, дали вие како партнери во власта смеете да поставите некои прашања, како на пример, дали премиерот ве консултираше кога оствари моноетничка лидерска средба со претседателот на СДСМ? Како тоа македонските етнички партии можат да разговараат за сите прашања и тоа да го прават јавно, а албанските да бараат дозвола од Мицкоски?“,
прашуваат од партијата
Дополнително, од ДУИ ги прашуваат ВЛЕН и дали се свесни оти премиерот оди наоколу и добива пофалби дека им го покажал местото на Албанците, и дека тие се дел од тој фолклор.
„До кога ќе трпите да ве понижуваат албанофобите од ЗНАМ дека не само што не ја оствариле замената на балансерот и дека поради недостатокот од механизми за балансирање, Албанците се речиси исклучени од процесите во јавните институции“,
пишува во партиското соопштение.
Од ДУИ сметаат дека ВЛЕН се плаши да оди на предвремени парламентарни избори, зашто тогаш Албанците ќе им го покажат местото.
Инаку, крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи. Тоа не беше прифатено од коалициските партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Арбен Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.