„Сега завршува втората половина од месецот и веќе во понеделник ќе направиме просек за тој период. Врз основа на тие параметри ќе се дејствува врз цените на нафтените деривати“, вели тој
Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да има позначително намалување на цените на бензините и дизелот откако вчера Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цените на нафтените деривати, со која бензините поскапеа за три денари, дизелот за 4,5 денари.

Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Илинден дали Владата планира да воведе дополнителни мерки преку намалување на акцизите или ДДВ, посочи дека акцизите се анализираат на секои две недели, а следната ќе биде направена в понеделник, по што ќе се одлучува врз основа на утврдените параметри.
„Сега завршува втората половина од месецот и веќе в понеделник ќе направиме просек за тој период. Врз основа на тие параметри ќе се дејствува врз цените на нафтените деривати“,
рече тој при посетата на Општина Илинден.
Според него, позитивно е тоа што два дена по ред цените на нафтените деривати паѓаат, а денеска веќе се стабилизирани на некаде околу 85-86 долари за барел.
„Веќе следната недела очекувам поголемо намалување на цените на бензините и дизелот“,
додаде премиерот.
Посочи дека нафтените деривати се берзански производ и дека сите држави купуваат од ист пазар.
„А, ние како држава имаме убедливо најниски цени на дизелот и безоловниот бензин во регионот и во Европа“,
кажа Мицкоски.
Потсети дека како влада веќе еднаш интервенирале со акцизите, а сега чекаат да се заокружи месецот, што е законска регулатива, па дури потоа да носат дополнителни мерки.
Според вчерашната одлука на РКЕ, од денеска горивата се продаваат по нови повисоки цени, односно бензините поскапеа за три денари, дизелот се продава по цена што е повисока за 4,5 денари, а екстра лесното масло за домаќинство за пет денари.
Така, бензинот еуросупер БС-95 чини 93 денари за литар, цената на еуросупер БС-98 е 95 денари за литар, а еуродизел БС (Д-Е В) се продава за 98,50 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапе за пет денари и се продава за 98 денари.
РКЕ ја зголеми и цената на мазутот М-1 НС за 2,726 денари за килограм, со што максималната цена изнесува 48,099 денари за килограм.
Како причина за поскапувањето, од РКЕ ги наведуваат повисоките референтни цени на нафтените деривати на светските пазари.
