Прашањето за местото на Таравари во Владата се отвори по несогласувањата со останатите партнери во коалицијата ВЛЕН, односно по одлуката на Алијанса за Албанците на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници
Премиерот Христијан Мицкоски во моментов има редовна комуникација со членовите на Владата. Ова денеска го навеле од кабинетот на премиерот за државната новинска агенција МИА.

Оттаму го повториле ставот дека средба поврзана со прашањето дали министерот за здравство Арбен Таравари и неговото крило на Алијанса за Албанците ќе останат во Владата се очекува да има по 1 мај.
Прашањето за местото на Таравари во Владата се отвори по несогласувањата со останатите партнери во коалицијата ВЛЕН, односно по одлуката на Алијанса за Албанците на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници.
Вицепремиерот и министер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска изјави дека членовите на Владата од Алијанса за Албанците на Таравари засега остануваат во владиниот тим и дека нивната работа во извршната власт продолжува нормално.
„Продолжуваме со работа, секојдневно, како ништо да не е сменето. Вчера имавме владина седница на која не беше кажана ниту една загриженост“,
рече денеска Фетаи на настан за одбележуавње на Меѓународниот ден на книгата во Куманово.
Тој рече дека наредните денови се очекува премиерот Христијан Мицкоски да има одделни средби со коалициските партнери Алијанса за Албанците, ВЛЕН и ЗНАМ.
„Таравари има секојдневни контакти со премиерот Мицкоски и коалициските партнери. Некои од нас кажале, и јас велам дека соработката продолжува во Владата. Ние продолжуваме да ја работиме нашата работа како ништо да не се случило, а верувам дека сте ги виделе и пишувањата во медиумите дека во наредните денови премиерот ќе има консултации, одделно со партиите, со коалицијата ВЛЕН, Алијансата за Албанците, ЗНАМ. Засега ништо не е променето, до консултациите што се очекуваат да се случат во наредните денови“,
рече Фетаи.
Прашан како Алијансата за Албанците на Таравари ќе настапи на локалните избори, односно дали ќе коалицира со опозициските партии, Фетаи потенцира дека во оваа фаза не сака да прејудицира и оти нивната партија ќе најде решение за најдобрата понуда за граѓаните.
Денеска првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека вчера имале владина седница на која не присуствувал министерот за здравство Арбен Таравари, но бил вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој е од редовите на Алијанса за Албанците.
Меџити денеска повторно го повика својот коалициски партнер, министерот Арбен Таравари, да одлучи дали ќе соработува со Демократската унија за интеграција (ДУИ) или ќе остане во ВЛЕН и во Владата.