Ковачевски посочува дека на последниот Економски совет, кој бил во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник на опозициската партија не се појавил на седницата
„Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи“, вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во изјава за МИА го покани лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да дојде на следниот Економски совет на Владата кој ќе се одржи в среда и да ги презентира решенијата за справување сo енергетската криза.
Тој посочува дека на последниот Економски совет, кој бил во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник на опозициската партија не се појавил на седницата.
„Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12:00 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат“,
истакнува премиерот Ковачевски за МИА, одговарајќи на прашање во однос на барањата на Мицкоски за телевизиски дуел или средба со него.
Премиерот посочува дека Економскиот совет во проширен состав, е формиран во рамки на Владата, со цел во кризни времиња, во широка консултација, да се донесат сеопфатни и издржани одлуки во интерес на граѓаните.
„На овој Економски совет секогаш и во време на корона кризата, покана имале сите чинители, претставници на опозицијата, стопанските комори, претседателот на ЗЕЛС, професори од академската заедница, со единствена намера да се креираат најдобрите решенија за економската иднина на државата“,
потенцирал Ковечевски.
Тој вели дека претстојната зима ќе биде тешка и оти економско-енергетска криза ќе се преброди само доколку „сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните“ и дека ова „не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку време за работа и за заедништво“.
„Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи“,
додал Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски денеска преку објава на својот фејсбук-профил го покани вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи утре да дојде на состанок во 12 часот во седиштето на неговата партија за, како што вели, детално да му го објасни неговиот план и концептот, кои „ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот“.
Мицкоски во објавата наведува дека побарал средба со премиерот Димитар Ковачевски за „да го презентира концептот за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места“ и го повикал на дебата на тема енергетика/економија на медиум кој сам ќе го одбере, но дека неговите барања биле одбиени.
Мицкоски ѝ предложи на Владата концепт со кој државата ќе заштеди 300 милиони евра. Според Мицкоски, заштедата може да се обезбеди преку набавка на мазут за електраната ТЕЦ Неготино и тоа по цена која би била за 200 евра по тон пониска од таа која во моментов се набавува.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече има имале контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка, а кои можат од Гаспром да донесат количина на гас која што е доволна.