„Секојдневно се работи по 16 до 18 часа, и досега мислам дека врз основа на ова што го гледам во овие три дена, се работи заеднички Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да утврдат основано сомневање за постоење одговорност, нормално, да се обезбедат лицата и тоа да биде проширено“, изјави Мицкоски во гостување во Дневникот на ТВ Сител
Јас сум среќен што и покрај разликите што ги имавме со работата на Јавното обвинителство, гледам едно навистина синхронизирано дејство помеѓу Министерството за внатрешни работи, органите на истрагата и Јавното обвинителство до овој момент и гледам дека тоа дава резултати, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Пофалните зборови на премиерот кон Јавното обвинителство тој ги кажа прашан како очекува да се движи утврдувањето на одговорноста за пожарот во локалот во Кочани во кој загинаа 59 лица и речиси 200 се повредени, а во контекст на она што досега е преземено.
„И покрај тоа што имаме големи разлики со работењето на обвинителите, овојпат покажаа голема мобилизација, морам да кажам. Уште утрото во 8 часот огромна екипа беше мобилизирана и дојде во полициската станица во Кочани, веднаш се зафатија со работа. Таа група на обвинители е проширена, имам такви информации. Секојдневно се работи по 16 до 18 часа, и досега мислам дека врз основа на ова што го гледам во овие три дена, се работи заеднички Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да утврдат основано сомневање за постоење одговорност, нормално, да се обезбедат лицата и тоа да биде проширено. И мислам дека се проширува, но истовремено да покажат и неселективност, тоа е она што граѓаните, исто така, го очекуваат од нас“,
рече премиерот.
На забелешка дека меѓу луѓето кои досега се опфатени во истражните постапки се лица од претходните владејачки, како поранешниот министер за економија, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, и дали ќе има одговорност за оние што во моментов се на функција, Мицкоски рече дека ќе има одговорност за сите кои придонеле да се случи тоа што се случи во Кочани.
Во таа насока, тој рече дека одговорност ќе се бара и за други случаи од минатото кои биле ставани под тепих.
„Ќе има одговорност без разлика дали се тие од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, дали се од Демократската унија за интеграција (ДУИ) или од некоја друга политичка партија. Без разлика дали се Македонци, Албанци или други, без разлика дали се христијани или муслимани. За секој оној за којшто ќе биде утврдена одговорност ќе одговара, но не само за овој случај, ќе одговараат и за многу други случаи коишто во минатото кај граѓаните и во нивната меморија оставија чувство на дали е постапено онака како што требало. Сега е моментот сè она што порано било ставано под тепих да биде откриено и сè она што било ставано под тепих да биде решено. Ние тргнавме и запирање нема. И ќе одиме до крај. Сакаат да видат крај и ќе видат крај“,
изјави премиерот.
Прашан дополнително дали не смета дека има некаква одговорност кај актуелните полициски службеници и началници, бидејќи во т.н. кабаре-клуб во Кочани секој викенд се одржувале забави и концерти и дали доколку се вршеле контроли ќе била спречена трагедијата, премиерот одговори дека тој не може да го каже тоа и затоа се тука Обвинителството и МВР.
„Јас не можам да кажам дали нешто постои или не постои, затоа е Обвинителството тука, затоа е Министерството за внатрешни работи, затоа е истрагата, за да покаже и докаже. Можеби некои и од тие коишто во овој момент се обезбедени ќе се утврди дека немаат вина и ќе бидат ослободени, и ќе дојдат некои други“,
рече тој.

Инаку, истрагата која треба да утврди одговорност за пожарот во Кочани ја води обвинителски тим од девет обвинители. Покрај двајца од Основното јавно обвинителство Кочани, во тимот има двајца нивни колеги од ОЈО Штип и петмина обвинители од скопското Основно јавно обвинителство.
Во дејствијата денеска се вклучи Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое денеска отвори истрага против седум високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, на кои им е одреден 30-дневен притвор.