Од вкупно девет кандидати за уставни судии, досега членовите на собраниската Комисија за прашања за избори и именувања разгледаа два предлога, а засега утврден е предлогот на владејачкото мнозинство Фатмир Скендер, актуелен судија во Апелацискиот суд Скопје, да биде избран за уставен судија. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Родна Живковска да биде избрана за устaвен судија е одбиен
Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за утврдување на предлози за уставни судии, а по двочасовна дискусија седницата беше прекината.
На почетокот на расправата пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, нагласи дека нема идеален начин како да бидат сигурни за најдобар можен избор на уставни судии што можат да го направат. Но, како што потсети, рејтингот за доверба во судството е осум отсто и нагласи оти ниту еден граѓанин во државава нема правна сигурност во системот.
„Сите форми на проблеми по системот се рефлектираат во работата, односно неработата на судскиот систем“,
рече Јаревски посочувајќи дека судството и правосудството, судовите, како и Уставниот суд заслужуваат одговори на многу прашања кои според него ги има се повеќе.
Тој дополни дека доколку дозволат политизација на судството, наместо добивање квалитет, тие ќе бидат соучесници, а додаде и дека доколку имало можност на седницата да бидат присутни кандидатите, ќе имаа поквалитетна расправа.
На денешната седница се расправаше за предлогот на мнозинството – Тања Васиќ-Бозаџиева да биде избрана за уставен судија.
Од вкупно девет кандидати за уставни судии, досега членовите на собраниската Комисија за прашања за избори и именувања разгледаа два предлога, а засега утврден е предлогот на владејачкото мнозинство Фатмир Скендер, актуелен судија во Апелацискиот суд Скопје, да биде избран за уставен судија. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Родна Живковска да биде избрана за устaвен судија е одбиен.
Инаку, Уставниот суд во моментов работи со пет судии од предвидените девет, откако на четворица им истече мандатот за работа. Во ваков нецелосен состав Уставниот суд е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
По речиси една година откако Уставниот суд работи со намален и недоволен број на судии, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на 13 мај годинава ја започна процедурата за избор на нови уставни судии, од предложени девет кандидати.