На интернационалната карневалска вечер, која беше закажана за утре, требаше да учествуваат 46 карневалски групи од земјава и од странство со над 1 200 учесници
Годинашното издание на меѓународниот Струмички карневал заврши синоќа со одржување на концертот под маски, а другите содржини, кои требаше да траат до 4 март се откажани, изјавил за МИА претседателот на Организацискиот одбор, Александар Цицимов. Ова е потврда на веста што доцна синоќа ја објави “360 степени” за откажување на карневалите во Струмица и во Прилеп.
Организаторите донеле одлука да не се одржат маскенбалот, интернационалната карневалска вечер и детскиот карневал, како и останатите содржини што беа планирани да се одржат во рамки на годинашните карневалски празнувања.
„Јас го откажав учеството на сите групи што требаше да дојдат на карневалот. Цела ноќ не сум спиел и некои групи буквално ги враќав од границите. Планирам во текот на денот да одржиме прес-конференција со градоначалникот Коста Јаневски на која ќе соопштиме повеќе детали“,
вели Цицимов.
Дополнително ќе се утврдат термини во кои ќе се одржат главните манифестации на Струмичкиот карневал.
На интернационалната карневалска вечер, која беше закажана за утре, требаше да учествуваат 46 карневалски групи од земјава и од странство со над 1 200 учесници.
Денеска и Советот на Општина Прилеп се очекува да донесе одлука за откажување на карневалот „Прочка 2020“.