Ние, едноставно, сакаме да сме рамноправни како останатите граѓани, сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци, а за тоа да не бидеме навредени, да можеме да се собираме и да твориме без страв, да бидеме од корист за двете држави – рече на отворањето на Клубот Милан Ризаков од ОМО ,,Илинден Пирин”
По завршувањето на официјалниот настан во Клубот, бугарската полиција, од безбедносни причини, не им дозволи на Мицкоски и Апасиев да се упатат на плоштадот во Благоевград за да положат цвеќе на спомениците, оти таму протест имаше бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, со приврзаниците
Во присуство на гости од Македонија и Македонци што живеат во Бугарија денеска во Благоевград беше отворен македoнскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.
Еден од организаторите, Милан Ризаков од ОМО „Илинден Пирин” рече дека клубот се отвора во духот на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, цитирајќи ја неговата мисла „јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, посочувајќи дека меѓу дваата народи треба да се градат мостови, не ѕидови.
„Обвинувани сме за непријатели, кога намерите ни се пријателски, обвинувани сме за сепаратисти, кога стремежот ни е уривање на граници и обединета Европа, за противзаконско работење кога сакаме да работиме во рамките на законите, 32 години напорите ни беа да регистрираме наше здружение со кое што ќе учестуваме во културниот, општествен и политички живот. Земјата е 15 пати осудена за тоа во Европскиот суд за човекови права, а ние не сакаме да судиме никого, ние едноствано сакаме да сме рамноправни како останатите граѓани, сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци, а за тоа да не бидеме навредени, да можеме да се собираме и да твориме без страв, да бидеме од корист за двете држави и за двата народи затоа што им ја познаваме душата и културата“,
истакна тој и посочи дека да си Македонец не е антибугарско дело.
Отворањето на клубот, според основачите, е со цел да ги зближи двата народа и да ги надмине разликите.
Атанас Мазнев, еден од основачите, упати благодарност до сите што го поддржале отворањето на клобот и порача дека идеите за основањето на клубот се градење на мостови меѓу двата народи и ново културно пространство во кое ќе учествуваат двете држави.
„Голема благодарност до сите Македонци од Пиринска Македонија кои ни го поддржаа моралот и тоа ни даде сила да стоиме цврсто во дадени моменти. Упатуваме благодарност до Раде Силјан кој донираше 300 тома литература за нашиот клуб, тоа за нас е богатство“,
рече Мазнев.
На настанот присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како и шефот на Кабинетот на Претседателот, Миле Бошњаковски.
Во обраќањето во просториите на Клубот, Мицкоски кажа дека тој е потврда дека македонскиот идентитет, народ и јазик се константни.
Апасиев, пак, посочи дека дава целосна поддршка на ваквите клубови, како и дека очекува подобрување на односите меѓу двете земји.
„Ова е прв македонски клуб што се отвора, иако е формално, правно и легално, знаете дека бугарската држава не дозволува. За разлика од фашистичките клубови што се отвораат во нашата држава, ова е име на анти-фашист и на комунист и од тој идеолошки аспект, даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Нема тензии, не правиме тензии. Очекувано беше да дојдат премиерот и претседателот бидејќи ова е историски настан, но тие не се одважија“,
рече Апасиев.
По завршувањето на официјалниот настан во Клубот, полицијата од безбедносни причини не им доволи на Мицкоски и Апасиев да се упатат на плоштадот во Благоевград за да положат цвеќе на спомениците, оти таму протест имаше бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, со приврзаниците.
На отворањето на Клубот не присуствуваше претставник од Владата.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски посочи дека преку Министерството за култура и Владата ќе се достави официјално барање до Бугарија со цел отворање на официјален македонски културен центар во Благоевград преку кој, како што рече, ќе може да се негуваат македонската култура и литература и граѓаните кои се самоопределуваат како Македонци да дојдат во контакт со неа.