ВАЛАНДОВО
„ Валандово е познато по добрите луѓе, по питомиот народ, познато е по тоа што имаме многу јапонски јаболки и калинки, имаме култури кои што ги нема на друго место во Македонија, и нормално, ние сме родното место на претседателот на државата, така да, тоа не е мала работа.“ – вели Димче Балески кој е земјоделец од Валандово. Најмногу одгледува јапонско јаболко. Бил активен во борбата против отворањето на рудникот Казандол бидејќи смета дека тоа ќе го загрози неговото органско производство. Таа битка вели дека сега ја продолжува во општинскиот совет како советник од партијата на зелените – ДОМ. Тешко го состави одговорот кога го прашавме каде ја гледа перспективата на Валандово.
„Ѓавол да го земе… Сабајлево со утринското кафе читав еден натпис за земјоделието во Албанија после влезот на Албанија во НАТО, тоа ме интересира. Она што го прочитав не ми дава поинаку да размислувам освен – дај што побргу да влеземе во тоа НАТО затоа што ќе ни се отворат многу патишта. Со ова ќе ви одговорам и за иднината на Валандово. Единствениот начин да одиме напред ни е во тоа успешно да го поминеме тој референдум, да влеземе под чадорот на НАТО и да ни се створат сите услови за влез во Европска унија.“ – додава Балески.
Валандово пред една година на локалниот референдум им кажа не на рудниците. Иако потребниот цензус не беше достигнат, повеќето од тие што излегоа гласаа против, а Владата го раскина договорот со компанијата поради неисполнување на обврските. На локалитетот Казандол сега нема никакви активности. Претстојниот референдум за Договорот со Грција на валандовчани ќе им биде втор во една година.
„Мислам дека во Валандово ќе излезат повеќе луѓе и референдумот овде ќе успее. Тоа и е единствениот излез на Македонија.“
„Нема да излеземе и да гласаме. Еве од моите никој нема да излезе. Ниту комшиите, никој. Затоа што нема напредија.“
„Не се толку информирани граѓаните. Што знам каков став ќе донесат. Има за, има против, има воздржани, има што бојкотираат. Разен народ, се има.“ – рекоа жителите на Валандово со кои поразговаравме.
Некои истражувања на јавното мислење покажаа дека само неколку проценти од македонските граѓани го прочитале договорот со Грција. Тоа го потврди и нашата локална анкета.
Договорот со Грција го имате прочитано?
„Не.“
Тогаш како судите дали е добар или лош?
„Јас судам? Гледам новинарите што зборуваат. Секоја вечер новинарите кажуваат. Договорт они го кријат, ние не го знаеме. Го знаат тие 5-6 луѓе што се во Владата.“ – вели жител на Валандово.
Сте го прочитале Договорот?
„Ние се знаеме за тоа, информирани сме за тоа, знаеме дека подобро ќе биде отколку што е сега. Ако одиме во Европска унија подобро ќе биде сигуно.“ – смета друг валандовчанец.
„Не сме го прочитале, само знаеме дека имал 5-6 точки. Не, 20 имал. На телевизија слушнав.“ – додава нашиот соговорник.
„Лично немам потреба од било какво читање.“
Тогаш како донесувате суд за договорот?
„Суд донесувам врз основа на актуелниот премиер кој се колне дека некој треба да е луд, а истото го делам и јас денес само јас никогаш нема да го сменам мојот став, дека треба да е некој луд за да посегне да го промени името на државата.“ – одговори валандовчанецот кој со години живее во странство.
Многумина за својот познат сограѓанин, претседателот Ѓорге Иванов, имаат убави зборови, иако не сите го делат неговиот став дека Договор со Грција е штетен за државата.
„Тој се убаво зборува, но самиот не може да ја исправи работава. Со една китка пролет не бива.“
„Неговото мислење не може да го делат и граѓаните. Граѓаните друго мислат, претседателот друго мисли.“
Валандовчани не знаат колку жители сега има нивниот град. Знаат само дека бројот е и повеќе од преполовен. 23-годишниот Драган Митев беше единствениот наш помлад соговорник. Тој е туризмолог и не е вработен. Многумина негови врсници си заминале од земјава.
„Да се вработиме, да најдеме работа. Туку баш не е едноставно за млад човек. Не знам, можеби ќе се бара решение и за во странство. Наједноставен начин е бугарски пасош, како и сите млади, но ќе видиме, има и други начини.“ – вели Митев.
И тој се борел за да успее референдумот за рудниците, но за овој со името вели дека е многу покомплицирано прашање.
„Генерално тоа е доста чувствително прашање, сензитивно, од една страна, но од друга страна мислам дека нема алтернатива. Нема понудено друга алтернатива, правецот е тој, да одиме напред, сите бараме подобра иднина.“ – додава Митев.
МУРТИНО
Ова струмичко село има околу две илјади жители, кои имаат една главна преокупација.
„Муртино е познато по најработливиот народ ама нема пари.“
„Треба нашите министри да најдат пласман. За индустрискиот пипер треба да биде загарантирано да го земат по 25 денари.“
„Цената е катастрофа. Откупот почна со 18 денари, за една недела на 15.“ – се жалат земјоделците.
Муртинското поле е преполно со пластеници под кои најмногу има пиперка. Но, дали полската работа и целата земјоделска мака им остава доволно време на жителите да се информираат за престојниот референдум?
„Тие даваат на телевизија, даваат на вести, но кој да го слуша телевизорот. Немам слободно време, заморен си цел ден. Гледаш час – два да легнеш и да се одмориш, а не да расправам кој што кажал, како и што ќе биде.“
„Ние и да влеземе во Европска унија, кога ќе влеземе? После 10 години. Нема да влеземе утре. Најрано, и да одат сите работи како што треба – 2025 година. А до тогаш, ние сме меѓу последните генерации што работиме земјоделие. Тоа нека му биде јасно на секого.“
„Се уште размислуваме, ќе видиме кога ќе излеземе на гласање.“ – велат муртинчани.
66-годишниот Танчо Донев со запрежната кола одеше дома, малку да се одмори, а попладнето повторно в нива – да наводнува.
Дали вие, како еден обичен граѓанин, сте го прочитале Договорот со Грција, дали знаете за што се работи?
„Не сум го прочитал, ама од тоа што слушам, јас не сум за името да си го сменам. На пример, јас имем еден кум, сега друг кум да ми стават…“
А за влез во НАТО и Европска унија?
„Тоа е се арно ама, нашата е, како да ти кажам, апашка држава.“ – смета Донев.
Даниел Паланков имал околу 2 хектари под оранжерии со пиперка, но вели дека ова му е последна година како земјоделец. Со семејството заминува во странство.
„Како на филм е многу интересно дека кога ќе влеземе во НАТО пазарите ќе ни се отворат, но ние и сега во сите НАТО или европски земји продаваме со еден процент, меѓутоа ништо не се продава.“ – вели Паланков.
Не верувајќи во подобра иднина, вели дека ќе го бојкотира референдумот.
„Искрено ќе бојкотирам бидејќи… Да НАТО, но не под тие услови.“
Тоа е спротивно на ставовите што ги има премиерот, а тој потекнува токму од ова село.
„Тоа е, тој си има свои ставови, но јас не сум убеден во тоа дека тоа е патот и иднината на Македонија.“ – додава Паланков.
Сите ги познаваат премиерот Зоран Заев и неговото семејство и не кријат дека се надеваат на него.
„Го познавам, ама што? Не е само до него, вака е многу години наназад и не може да се реши за една или две години откако тој стана премиер.“
„Премиерот ни е од Муртино ама и тој не може да помогне. Помага човекот, но според неговите можности.“ – велат соселани на Заев.
ФОРИНО
Повикот за петочната молитва не е единствена причина поради која стивнува метежот во гостиварско Форино. Слично како од Муртино и Валандово и од овде многумина се исселиле.
„Форино е печалбарско село, земјоделие нема веќе.“
„Излегуваш во 17 или 18 часот – нема жив човек, сите се во Германија.“
„96 – 97 насто сите се печалбари.“
„25 години сум во странство и сакам да се вратам и да придонесувам за мојата земја. Вака не оди.“ – велат жители на Форино.
Улиците во Форино во овој период полека се празнат. Иселениците кои цело лето го поминале овде веќе си заминуваат. Но, слушнавме и за една поинаква приказна.
Бекри Ејупи со години работел во Швајцарија. Во 2002 година решил бизнисот да го донесе во родното Форино. Оттогаш ја има оваа работилница и вели дека добро му оди.
„Ова е материјал од Швајцарија, соработуваме со една компанија, ги увезуваме од таму, тука ги бојадисуваме. Ваков производ во Македонија нема, јас сум единствен. Работа има, до сега е добро.“ – вели Ејупи кој се надева на многу придобивки за неговиот бизнис кога земјава би влегла во НАТО и Европската унија.
Дали сте го прочитале договорот што го постигнаа Македонија со Грција?
„Не, не го прочитав. Но ќе излезам на референдум.“ – додава Ејупи.
Референдумот за името во Форино е сфатен како референдум за подобра иднина. Многумина живееле или работеле во странство, па сакаат и Македонија да биде како тие држави.
„Јас велам дека да, ќе излезам, но и моите соселани истото мислење го имаат.“
„Ако бидеме во ЕУ нема да ги носиме луѓето од Швајцарија овде, повторно сме истите луѓе, само треба да го смениме менталитетот и другите работи и треба да има повеќе инвестиции.“
„Јас лично ќе гласам за. Тоа име не им пречи ниту на Македонците, ниту на нас Албанците.“ – велат форинчани.
Ретко и необично, но има и такви кои не го даваат името. „Ако Македонија го изгуби името, ќе изгуби се.“ – рече единствениот наш соговорник од Форино со ваков став.
Претседателот и премиерот одамна се иселени од родните места. Но, собранискиот спикер Талат Џафери не го остава Форино и секое утро од семејната куќа во ова село тргнува на работа за Скопје. Соселаните на Џафери се горди на најпознатата личност од Форино. Тој е првиот Албанец на таа функција и повеќето сметаат дека добро си ја врши работата.
„Да, го имаме претседателот на Собранието и почестени сме со тоа.“
„Не знам, немам многу контакти со него затоа што е ангажиран со други работи, но изгледа како добар човек.“
„Не знам што да кажам, тој заслужил да биде претседател. “ – велат соселаните на Џафери.
80-тината километри што секојдневно ги поминува од Форино до парламентот во Скопје се многу помал предизвик за Талат Џафери за разлика од 80-те гласа што ќе треба да се обезбедат во парламентот, по референдумот, за договорот со Грција да добие конечна верификација.
Напишете коментар