Повеќето од министрите што заминуваат од функциите беа меѓу најекспонираните и најактивните во кабинетот на Заев, како Шекеринска, Димитров, Царовска и Филипче, кои беа членови и во владата која беше избрана во 2017 година
ДУИ останува со шест министри, Алтернатива ќе има тројца, а другите 12, сметајќи го и Ковачевски, се од коалицијата на СДСМ, вклучително со претседателот на ЛДП, Горан Милевски, кој останува министер за локална самоуправа
Во некоја од наредните ноќи, кога на скалите во собранискиот хол ќе позира новоизбраната влада на Димитар Ковачевски, нешто повеќе од половина од ликовите ќе бидат истите како и од фотографијата што беше направена ноќта меѓу 30 и 31 август 2020 година, откако во парламентарната сала беше избрана втората Влада на доскорешниот лидер на СДСМ Зоран Заев.
Девет нови имиња, вклучително со тоа на премиерот, 12 министри со минат труд во претходниот владин кабинет, од кои тројца се прекомандувани на други позиции… Така, како што пресмета „360 степени“, изгледа низ бројки скицата на Владата што Ковачевски ја достави денеска во парламентот, откако ЦО на СДСМ синоќа ги утврди последните предлози за министри од оваа партија.
„Составот на владата ги има имињата што вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со програмата, која е континуитет на изборниот легитимитет добиен на изборите во 2020 година. Вградени се и економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели кои произлегоа од новите предизвицишто се наоѓаат пред оваа влада“,
рече Ковачевски откако во Собранието ги достави предлог–составот и предлог-програмата за работа на новата влада.
Според него, клучен и прв приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата, која, како што рече, е европска енергетска криза.
„Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза, која произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти што се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија кои беа одобрени во Собранието на РСМ во декември“,
рече Ковачевски.
Во новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе, со оглед на тоа што Алтернатива доби министерско место без ресор, за разлика од досегашниот кабинет на Зоран Заев кој броеше точно 20 члена. Втората Влада на Заев, всушност, беше една од најмалите во последните две децении, по одлуката да се укинат позициите министри без ресор, какви што имаше седум во неговиот претходен кабинет.
Осумммина од досегашните членови на Владата, вклучително со премиерот Заев, нема веќе да бидат дел од извршната власт. Повеќето од нив учествуваа и во претходната Влада на СДСМ и на ДУИ и беа меѓу најекспонираните министри: Радмила Шекеринска (одбрана), Никола Димитров (надворешни работи, па европски прашања), Венко Филипче (здравство), Мила Царовска (труди и социјала, па образование). Од Владата заминуваат и Јагода Шахпаска и Ирена Стефоска, кои од септември 2020 година (кога беше избрана втората Влада на Заев, кон која се приклучи и Беса) ги предводеа министерствата за труд и за култура.
Во кабинетот на Ковачевски ќе бидат четири негови сопартијки од СДСМ, колку што имаше жени и во кабинетот на Заев. Славица Грковска го презема вицепремиерското место за борба против корупција, наместо Љупчо Николовски кој се сели (поточно се враќа) во Министерството за земјоделство. Овој ресор во Владата на Заев го имаше Беса, се до оставката на Аријанит Хоџа, со која беше ознчен крај на коалицијата меѓу Заев и Билал Касами.
На местата на Шекеринска, Шахпаска и Стефоска, доаѓаат нивните сопартијки Славјанка Петровска, Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Министерството за образование, пак, во новата Влада го презема ДУИ, така што на местото на Царовска доаѓа досегашниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шакири.
МИОА, пак, го презема новиот партнер во Владата Алтернатива, така што за нов министер се очекува да биде избран Адмирим Алити, на местото на Шакири. СДСМ и го препушти на Алтернатива министерското место во здравство, каде што нов прв човек ќе биде Беким Сали, а за министер без ресор, задолжен за дијаспора, е номиниран Џемаил Чупи.
Третата ротација, освен преселбите на Шакири од ДУИ и Николовски од СДСМ на други министерски позиции, е „резервирана“ за досегашниот министер за правда, Бојан Маричиќ, кој станува вицепремиер за европски прашања, на местото на Димитров. Министерското место во правда, пак, го презема Никола Тупанчевски, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје, кој влегува во Владата од „листата“ на СДСМ, ама како непартиска личност.
Со исклучок на Шакири кој е „прекомандуван“ од МИОА во образование, ДУИ ги задржува на исти позиции сите досегашни министри: Артан Груби (прв вицепремиер – политички систем), Крешник Бектеши (економија), Бујар Османи (надворешни работи), Насер Нуредини (животна средина) и Фатмир Бесими (финансии). Според тоа, во новиот кабинет ДУИ останува со шест министри, Алтернатива ќе има тројца, а другите 12, сметајќи го и Ковачевски, се од коалицијата на СДСМ, вклучително со претседателот на ЛДП, Горан Милевски, кој останува министер за локална самоуправа. Од досегашните министри на СДСМ, пак, своите досегашни позиции ги задржаа Благоја Бочваски во транспорт и врски и Фатмир Битиќи како вицепремиер за економија, како и Оливер Спасовски, кој беше министер за внатрешни работи и во првиот кабинет на Заев, избран кон средината на 2017 година, а неколку месеци пред предвремените парламентарни избори беше на чело на преодната влада.
Новата Влада се очекува да биде избрана во Собранието со поддршка од 64 пратеници, наспроти 62 гласа поддршка за Владата на Заев, колку што броеше членови досегашното парламентарно мнозинство.