Едното приведено лице бил возачот на комбето кој ги превезувал ковчезите, а другите две биле приведени на железничка станица во Париз додека се подготвувале да патуваат за Берлин

Пет ковчези со натпис „француски војници од Украина“ се пронајдени денеска околу Ајфеловата кула во Париз, каде што се приведени три лица, а полицијата истражува „можно странско мешање“.
Како што пренесуваат француските медиуми, три лица утрово поставиле ковчези во природна големина до Ајфеловата кула, кои биле покриени со француско знаме и со натпис „француски војници од Украина“, а внатре во ковчезите имало гипс.
Приведен е возачот на комбето кој ги превезувал ковчезите. Тој на полицијата ѝ рекол дека му биле платени 40 евра за да ги вози другите двајца и нивниот товар.
Уште две лица се приведени на железничка станица во Париз додека се подготвувале да патуваат за Берлин, пренесуваат француските медиуми.
Приведени се бугарски, украински и германски државјанин, соопшти полицијата, додавајќи дека „во тек е истрага за да се утврди можно странско мешање“.
Париското обвинителство ја потврди националноста на осомничените и соопшти дека тие сѐ уште се во полициски притвор за „насилство со умисла“.