„Ортодокстајмс“ посочува дека во соопштението на Светиот синод на Православната црква на Чешка и Словачка нашата црква никаде не се именува како Охридска архиепископија, име под кое беше примена во канонско единство со другите православни црква од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј на 9 мај минатата година
Светиот синод на Православната црква на Чешка и Словачка минатата недела донесе одлука за „признавање на автокефалноста на Православната црква на Северна Македонија“, објави порталот „Ортодокстајмс“, кој е специјализиран за прашања поврзани со православните цркви.
„Светиот синод на Црквата на Чешката Република и Словачка беше информиран за писмата на вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со обновувањето на евхаристичкото единство со епархиите во Северна Македонија, како и за писмата на српскиот патријарх Порфириј за реинтеграција на Црквата во Северна Македонија во канонската структура на Православната црква на Србија и за доделување автокефалност на Православната црква во Северна Македонија со Патријаршиски и синодален томос од 20 мај 2022 година“,
се наведува во соопштението на чешко-словачката црква.
„Ортодокстајмс“ посочува дека во соопштението на Светиот синод на Православната црква на Чешка и Словачка нашата Црква никаде не се именува како Охридска архиепископија, име под кое беше примена во канонско единство со другите православни црква од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј на 9 мај минатата година.
Минатата недела, како што објави порталот Религија.мк, Романската православна црква одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалност на МПЦ-ОА, но воспостави друго име со кое ќе ѝ се обраќа на МПЦ-ОА, како и титула под која ќе ги спомнува архиепископот Стефан.
Одлуката е донесена на последниот Собор на романските архиереи и во неа пишува дека одобруваат признавање на автокефалноста доделена на црквата на Република Северна Македонија под името „Архиепископија на Охрид и на Северна Македонија, со седиште во Скопје“. Поглаварот ќе биде именуван со титулата – блажениот отец Стефан, архиепископ на Охрид, Скопје и на Северна Македонија.
„По неочекуваното признавање на автокефалноста доделена од Патријаршијата на Србија на Црквата на Северна Македонија од страна на Патријаршијата на Романија пред неколку дена, и Црквата на Чешка и Словачка, исто така, го призна неканонскиот потег на Патријаршијата на Србија во врска со статусот на црквата на балканската земја“,
наведува порталот „Ортодокстајмс“.
„Ортодокстајмс“ потсетува дека Светиот синод на Вселенската патријаршија на 9 мај објави дека ги прима во евхаристичко општење хиерархијата, свештенството и народот на оваа црква (Охридска архиепископија) раководени од архиепископот Стефан.