Правдата мора да биде видлива, ефикасна и еднакво достапна за сите. Затоа реформите во правосудството не се само европска обврска, туку наша одговорност кон граѓаните. Поддршката од Кралството Холандија е значаен поттик во овој процес, порачал министерот Шасивари, а пренесе ресорното министерство

Холандија е силен партнер во градењето ефикасен и независен правосуден систем, a реформите не се само европска обврска, туку и наша одговорност. Ова го истакнал министерот за правда Јетон Шасивари, на денешната средба со холандската амбасадорка во земјава, Узлем Џанел.
На средбата, била потврдена заедничката определба за интензивирање на соработката во спроведувањето на реформите во правосудството и зацврстувањето на владеењето на правото, велат од Правда.
„Правдата мора да биде видлива, ефикасна и еднакво достапна за сите. Затоа реформите во правосудството не се само европска обврска, туку наша одговорност кон граѓаните. Поддршката од Кралството Холандија е значаен поттик во овој процес“,
порачал министерот Шасивари, а пренесе ресорното министерство.
Оттаму велат дека холандската поддршка преку бројни проекти, придонесува за јакнење на владеењето на правото, поголема отчетност и транспарентност на правосудните институции, поддршка на Академијата за судии и јавни обвинители, како и за реформите во пенитенцијарниот и пробацискиот систем.
„Соработката меѓу двете држави во областа на меѓународната правна помош се одвива на високо професионално ниво. Министерството за правда останува цврсто определено за спроведување на суштински реформи, јакнење на независноста и интегритетот на правосудниот систем и продлабочување на партнерството со државите кои активно го поддржуваат европскиот реформски процес на земјата“,
велат од Правда.

