Иницијативите за подготовка на нов закон за здруженија и фондации се интензивираа пред отворањето на вториот бугарски клуб во земјава „Цар Борис Трети“, закажано за денеска во Охрид
Во меѓувреме, додека да биде подготвен и донесен законот, за да се спречат и превенираат одредени состојби, формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Рашела Мизрахи и Антонио Милошоски вчера, соопштија дека нивната пратеничка група денеска ќе поднесе предлог-измени на Законот за здруженија и фондации
Министерството за правда денеска соопшти дека е формирана работна група за изготвување нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.

Оттаму информираат дека законот ќе биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.
„Се работи на подготовка на законот, а најдоцна до крајот на октомври ќе биде објавен на ЕНЕР каде сите заинтересирани лица ќе можат да дадат свои мислења, забелешки и сугестии. Ќе следат и одржување на јавни расправи. Целта на измените на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање“,
се наведува во соопштението од Правда.
Од Министерството потсетуваат дека во нашето законодавство слободата на здружување е уставно загарантирано право, односно со член 20 став 1 од Уставот и се остварува преку основање на здруженија, фондации и други субјекти.
„Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување“,
велат од Министерството за правда.
Во меѓувреме, додека да биде подготвен и донесен законот, за да се спречат и превенираат одредени состојби , формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение.
Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на месец март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање.
Конститутивната седница на советодавното тело се одржа во средата, неделава во Владата.
За претседавач на телото членовите едногласно го избраа Бобан Петровски од Институтот за историја на при Филозофскиот факултет, а за заменик-претседавач е избрана Билјана Мицковска од Министерството за економија.
Владата информираше дека советодавното тело има седум постојани членови кои се номинирани од самите институции, а двајца дополнително ќе се именуваат од граѓанските организации и други институции зависно од личноста за која ќе се дискутира.
Иницијативите за подготовка на нов закон за здруженија и фондации се интензивираа пред отворањето на вториот бугарски клуб во земјава „Цар Борис Трети“, закажано за денеска во Охрид.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Рашела Мизрахи и Антонио Милошоски, вчера соопштија дека нивната пратеничка група денеска ќе поднесе предлог измени на законот за здруженија и фондации.
Во моментов во Охрид се одржуваат протести против отворањето на бугарскиот клуб, организирани од Левица. Поддршка на протестите даде ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски вчера изјави дека треба да се протестира но тоа да биде демократски израз на волјата на граѓаните, а не насилен протест.