Во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се спомнува иницијативата за вонреден конгрес, туку само се посочува дека треба да се почитуваат одредбите од партискиот Статут
Безрезервна поддршка му изразија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој деновиве повторно е цел на Иницијативниот одбор за вонреден конгрес, кој бара од него одговорност за резултатите од ланските предвремени парламентарни избори.
Во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се спомнува иницијативата за вонреден конгрес, кој е најавен за 28 март годинава, туку само се посочува дека треба да се почитуваат одредбите од партискиот Статут и да не се дозволи нивна злоупотреба од страна на кои било поединци или групи.

„Пратениците упатуваат препорака до матичната партија ВМРО-ДПМНЕ, во однос на интегритетот на партијата како политички субјект, целосно да се почитуваат одредбите од Статутот и безусловно се залагаме да се почитуваат надлежностите на Централниот комитет, Извршниот комитет, Конгресот и другите партиски органи, без да се дозволи нивна злоупотреба од страна на кои било поединци или групи“,
се наведува во соопштението што е објавено и на веб-страницата на опозициската партија.
Опозициските пратеници посочуваат дека, како избрани претставници на граѓаните во законодавниот дом, како примарна цел ја имаат работата во интерес на народот за подобра економија, подобро здравство, поголема правна сигурност, преку, како што се наведува, разобличување на актуелната власт која ја претвори државата во хибриден режим, со највисока корупција во Европа.
„Во овој контекст, пратениците ја даваат својата безрезервна поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на партијата, за да со заедничко и координирано дејствување успееме што поскоро да ја поразиме актуелната власт, која што не е дел од решението, туку е дел од проблемот на македонските граѓани, особено во делот на економијата, здравството и образованието“,
велат од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ.
Во овој собраниски состав, избран на 15 јули минатата година, пратеничката група на коалицијата „Обнова“ има 44 пратеници, од кои 39 се од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, за кого ова беа први парламентарни избори по доаѓањето на чело на партијата, реши да не учествува директно во изборниот процес. Поточно, тој не беше носител на листа, ниту кандидат за пратеник, а во кампањата настапуваше како кандидат за мандатар за составување влада.